СПАСОВСКИ – САСОЛИ: РЕФОРМИТЕ И НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА СЕ ВАЖНИ ЧЕКОРИ КОН ОТПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ
Техничкиот премиер Оливер Спасовски оствари средба со претседателот на Европскиот Парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли.На средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, Сасоли даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период.
На средбата се нагласи дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина на Република Северна Македонија и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови.
Претседателот Сасоли и Премиерот Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата.
Претседателот на ЕП Сасоли истакна дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил дека граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рече претседателот Сасоли, Европскиот Парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб, се наведува во соопштението на Владата.