Денков: Не е лошо да зборуваме за бизнис со РС Македонија, но тоа никако не ја менува позицијата на Бугарија
„Не е лошо да се интензивира дијалогот со РСМ, да има повеќе дискусии и средби, но тоа не менува ништо во однос на позицијата на Бугарија за т.н. европски компромис што следеше по францускиот предлог, според кој PCM треба да исполни одредени задачи“. Ова за БГНЕС го изјави бугарскиот премиер академик Николај Денков.
Денков ги коментираше зборовите на министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи во Дубровник, кој рече дека „дијалогот со Бугарија треба да биде поинтензивен“.
„Не е лошо да зборуваме за бизнис проекти и за се што би било корисно за двете земји, но тоа никако не ја менува надворешнополитичката позиција на Бугарија“, додава премиерот Денков.
Подоцна денеска премиерот академик Николај Денков заминува за Вилнус, Литванија, каде ќе учествува на состанокот на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО. Во бугарската делегација се и министерот за одбрана Тодор Тагарев, началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов и заменик министерот за надворешни работи Тихомир Стојчев, соопшти владината прес-служба.
Главните резултати од состанокот се очекува да бидат одлуките за продолжување на политичката и практичната поддршка на Алијансата за Украина; надградба на одлуките на Самитот во Мадрид (2022) за зајакнување на одвраќањето и одбранбениот потенцијал на Алијансата и усвојување на нова инвестициска обврска во одбраната.

