Габриел за одењето на Лавров во Скопје: Бугарија е дел од ЕУ и има прифатено многу јасно однесување
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел беше категорична дека не планира билатерална средба со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, чиј авион на пат кон Скопје доби дозвола да лета низ територијата на Бугарија, јавува БГНЕС.
„Но, како можете да ми го поставите ова прашање, мислам дека мојот одговор е многу јасен, бидејќи Бугарија е членка на Европската унија и постои многу јасно прифатено однесување и начин на кој се однесуваме кон ваквите средби. И планирам да стојам цврсто зад него, како што тоа го правам од првиот ден, откако сум министер за надворешни работи. Благодарам“, рече Габриел одговарајќи на прашање на БНР.
БГНЕС потсетува дека во вторникот Министерството за надворешни работи одобри привремен воздушен коридор за летот на Специјалната воздухопловна единица „Русија“. Дадената дозвола е за учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него. Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои исто така се санкционирани лица, според важечкиот закон на ЕУ, што е експлицитно наведено во одговорот на бугарската страна.
„Не сите членови на делегацијата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров добија дозвола да летаат низ бугарскиот воздушен простор за состанокот на ОБСЕ во Скопје, кој почнува утре. Софија никогаш не би си дозволила да даде дозвола за летање низ воздушниот простор ако немаме претстава за составот на делегацијата. Затоа, освен тоа што дозволата е привремена, токму за целта на состанокот, подеднакво важно беше да се има комплетен список на делегацијата и јасно кажавме дека, ако има лице на списокот кој е вклучен во списоците за санкции на ЕУ, истото нема право да патува“, изјави Марија Габриел при влегувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„И тоа е она што го направивме. Тоа што господинот Лавров може да патува е поврзано со ослободувањата што му се дадени, бидејќи е на списокот за меѓународни форуми, за да може да учествува. Затоа, времетраењето на ова ослободување е многу јасно. дефинирано – од три часа за средбата до 72 часа“, рече Габриел, цитирана од бугарското јавно радио.
На прашањето дали во делегацијата на Лавров има лица од листата на санкции на ЕУ, вицепремиерката и министерка за надворешни работи одговори: „Делегацијата е многубројна, но, погледнете, ова е формат за кој одлучува секоја од земјите. Јас исто сум со многу голема делегација во Скопје и мислам дека сериозноста на средбата покажува дека и тимовите зад нас се мобилизирани“.

