| |

ГАЈСЕР ЗА МОГЕРИНИ: КАКО ТАА МОЖЕ ДА МОЛЧИ ПРЕД КРИМИНАЛНАТА РЕАЛНОСТ

Италијанскиот новинар со словенечко потекло Ларис Гајсер, кој за пошироката македонска јавност стана познат со објавувањето на снимените разговори за случајот „Рекет”, денеска на интернет изданието на весникот „Ла Верита” објави видео колумна во која главна цел на напад му се Европската унија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини.

Гајсер во колумната прашува зошто Брисел молчи за случајот „Рекет“. Тој нагласува на тоа дека се чуди како нема реакција од Могерини и актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои според него, „силно инсистирале за специјалната обвинителка”.

Изразувајќи убеденост дека „се уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите”, Гајсер прашува „како Федерика Могерини може да молчи пред криминалната реалност”.

Потсетуваме дека Федерика Могерини е членка на италијанската левоцентристичка Демократска партија (ПД), која е главен ривал на десничарската партија Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, чиј голем поддржувач е Гајсер.

Слични Објави