„Гала во Софија 2026“ со три музички вечери под отворено небо
Овогодишното издание на „Гала во Софија“ ќе се одржи на 23, 25 и 27 август на плоштадот пред храмот-споменик „Св. Александар Невски“, со настапи на Шарл Б, Соња Јончева, Јонас Кауфман и Дејвид Гарет, јавува 24 часа.
Манифестацијата ќе почне на 23 август со бесплатната забава „Unlimited“ на францускиот диџеј Шарл Б, кој првпат гостува во Бугарија. Неговиот проект „Classical Meets Techno“ ги спојува делата на Вивалди, Моцарт и Бетовен со електронска музика и визуелни ефекти.
На 25 август ќе биде изведена операта „Тоска“ од Пучини, со Соња Јончева во насловната улога, германскиот тенор Јонас Кауфман како Марио Каварадоси и рускиот баритон Игор Головатенко како баронот Скарпија. Ќе настапат хорот и оркестарот на Софиската опера и балет под диригентство на Григор Паликаров, како и детскиот хор „Насмеани ѕвезди“.
„Гала во Софија“ ќе заврши на 27 август со концертот „Сина ноќ“, на кој Јончева и виолинистот Дејвид Гарет ќе настапат со оркестарот на Софиската опера, под диригентство на Леонардо Сини. Програмата опфаќа класични дела, кросовер-аранжмани, современи хитови и бугарски фолклор.

