(Галерија) Прилепската фабрика “Тила” опустошена од пожарот кој се гаснеше пола ден, сопствениците не знаат како се запали
Во петокот избувна пожар во фабриката за текстилни производи „Тила“ во Прилеп. Во пожарот, како што објавија на Фејсбук сопствениците, се е изгорено, а се гаснеше половина ден со оглед на запаливите материјали.
Причините за пожарот за жал се уште не се познати и се чека од страна на надлежните органи на нивно утврдување, како и на процена на направената штета. Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени, велат сопствениците.
Брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра во Прилеп започнуваат со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани дваесетти години. Брендот Тила постои веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови.
Сопствениците најавуваат дека со поддршка од пријателите ќе го обноват производството.