| | |

(Галерија) Со свечен настан МИТ Универзитет испрати нова генерација дипломци и магистри

Скопскиот приватен МИТ Универзитет на 24 април по 16 пат испрати нова генерација дипломци и магистри. Свеченоста се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Воведниот говор на настанот го имаше проф. д-р Ана Здравковска Илиевска, која им посака топло добредојде на гостите од името на Универзитетот и ги поздрави дипломците и магистрите на образовната установа.

Свои обраќања исто така имаа ректорот на универзитетот проф. д-р Звонимир Јанкулоски и директорката на образовната установа Билјана Апостолова.

Во својот говор проф. д-р Јанкулоски истакна дека знаењето и визијата се клучни за успехот. Тој им порача на дипломците и магистрите на универзитетот дека знаењето ја менува судбината и додаде дека токму знаењето е нештото што никој нема да може да им го одземе.

„Вашите цели поставете ги високо, сонувајте големо. Вткаете ги вашите соништа во личен развој и развој на нашата земја. Се надевам дека ќе можете да ги искористите можностите што ви се нудат и да продолжите да се искачувате повисоко и да гледате подалеку. Вашето знаење ќе ви овозможи да стоите повисоко, вашите далекусежни хоризонти ќе ја прошират вашата визија, а вашата отвореност на умот ќе ве оспособи да создадете светла иднина. И никогаш не заборавајте: Во животот може да ви земат сѐ но никогаш вашето знаење. Она кое го стекнавте на овој Универзитет“, се обрати проф. д-р Јанкулоски кон дипломците и магистрите на МИТ Универзитетот.

Во својот говор проф. д-р Јанкулоски ја нагласи улогата на универзитетот како активен чинител во општеството, „не само како архив на знаење, туку и како жив организам“. Тој ја истакна и потребата од поврзаност со поширокото општество преку ангажман надвор од академските рамки.

Говорот на проф. д-р Јанкулоски имаше и силна лична димензија, бидејќи е негов последен како ректор. Тој упати благодарност до сите свои колеги и присутни, а посебно им се заблагодари на своите блиски луѓе, кои биле до него.

„Ви благодарам уште еднаш на сите што ни се придруживте оваа вечер да славиме заедно со новата генерација на дипломирани студенти на МИТ Универзитетот. Заедно поминавме не така долг пат, но пат исполнет со многу предизвици, гордост и благодарност. На оние кои беа многу блиски до мене за време на тоа патување, во добри и лоши денови, им должам посебна благодарност. Благодарам на сите што бевте дел од оваа фаза на мојот живот и се надевам дека ќе продолжиме заедно во следната негова фаза, што и да донесе таа“, изјави проф. д-р Јанкулоски.

Директорката на МИТ Универзитет Билјана Апостолова исто така ги поздрави дипломците, магистрите и присутните гости. Во своето обраќање таа им се заблагодари на сите, што дошле за да го прослават дипломирањето и магистрирањето на студентите на Универзитетот, кои ги нарече „нашите деца“.

На свеченоста беа присутни освен родители на дипломците и магистрите, претставници на дипломатскиот кор во земјата, универзитетски професори, новинари и пријатели на универзитетот.



Слични Објави