| | |

(Галерија) Во Петрич се одржа тениски турнир „Заедно можеме“ – младите од двете страни на границата меѓу РС Македонија и Бугарија испратија силна порака за пријателство

На 14 и 15 јуни во град Петрич се одржа возвратниот тениски турнир под мотото „Заедно можеме“, кој собра млади тенисери од РС Македонија и Бугарија во духот на спортот, пријателството и регионалната соработка.

Турнирот беше отворен со пригодни обраќања од г-н Димитар Чолев – претставник на Општина Петрич и одговорен за спорт, Љупчо Јошевски – претседател на здружението „Балкански Мост“, г-н Георги Црномаров – претставник на Генералниот конзулат на Р. Бугарија во Битола, како и тренерите на тениските клубови од двете држави.

Организаторите упатија искрена благодарност до градоначалниците на Битола и Петрич, д-р Тони Коњановски и г-н Димитар Брчков, кои ја поддржаа иницијативата и овозможија младите учесници да разменат симболични подароци – гест на заемна почит и добра волја.

Овој спортски настан не заврши со прогласување на победници – напротив, сите млади тенисери беа прогласени за победници, испраќајќи силна порака на заедништво, толеранција и соживот. Турнирот се претвори во симбол на тоа како спортот може да ги надмине границите и да ги зближи народите.

„Младите нѐ научија на лекцијата за пријателството и љубовта. Тие се вистинските победници, а ние како здружение сме горди што истрајавме во идејата и успеавме да го реализираме турнирот, и покрај сите предизвици“, истакнаа организаторите.

Здружението „Балкански Мост“ најави дека ова е само почеток на една убава традиција, и дека веќе се започнува со подготовки за нов турнир следната година.

Турнирот се одржа со поддршка на Амбасадата на Република Бугарија, Генералниот конзулат во Битола и Министерството за надворешни работи на Р. Бугарија.

Галеријата од настанот можете да ја погледнете на страницата на „Балкански мост“ на социјалната мрежа Facebook.



Слични Објави