Гарван-Неказнето злосторство (1)

//

Пишува: Владимир Перев

1. Злосторството како систем.

Малкумина знаат за трагичната судбина на, сега веќе опустелото село Гарван, сместено на 28 километри од Радовиш, по горното течение на реката Крива Лакавица. Пикнато е во пазувите на Серта планина и од главниот пат, до него се стигнува после 6 километри црн, макадамски пат. Патот е одржуван добро, што означува живот на селото…ама каков живот!

За време на Втората Балканска војна, селото е запалено и изгорено од српската окупаторска војска, потпомагната од српските четнички организации, заради тоа, што селаните од Гарван, активно ја потпомагаат бугарската војска. На 15 февруари 1914 година, српските власти ги апсат и одведуваат, 7 души селани-жители на Гарван, 70. годишниот кмет на селото Иван Илов, 50. годишниот Ристо Андонов, 45. годишниот Коце Јанев и 19. годишното-младо момче, Костадин Милев. Малтретирани, тероризирани и измачувани се цела седмица, за на 22. Истиот месец, да бидат одведени во месноста “Дамјановско поле“, близу до селото Дамјаново, па таму да ги убиваат со бајонети, да им ги режат месата и труповите да ги закопаат на истото место. Тоа е прологот на трагедијата.

Вториот чин на трагедијата се одигрува неполни десетина години подоцна. И тој чин има свој пролог. Имено, српската власт, веднаш по завршувањето на Првата светска војна почнува да врши колонизација во Македонија. Населува српско население на луѓе од армијата на Србија, воени херои од Солунскиот фронт, во Македонија познати како “солунаши“ и на нив им се дава најдобрата земја. Една група се населува во штипското село Кадрифаково. Тоа е реон во кој дејствува војводата на ВМРО Иван Брло и тоа се смета за негова територија. Брло испраќа порака до “солунашите“ но и до српската власт во Штип, колонистите да се иселат од неговиот реон, но предупредувањата не се земаат за сериозно. На 16 јануари 1923 година, Иван Брло влегува со четата во Кардифаково и врши масакар на доселениците. Убиени се 23 доселеници, а тоа е и крајот на колонизацијата во Штипскиот регион.

Во тоа време, жупан на Брегалничкиот регион, со седиште во Штип е, кај нас малку познатиот Добрица Матковиќ. Воен херој од Првата светска војна, високообразован полицаец и како што е нормално, српски шовинист. Српската власт веќе подолго време, уште од оној фамозен колеж на цивилите од 1914 година, селото го имаат на прицел, како комитско, револуционерно и “бугарашко“. Затоа, на 2 март 1923 година, неполн месец по колежот во Кадрифаково, Матковиќ со одред српска војска, придружуван од полициски сили влегува во селото Гарван. Како одмазда, српските воени единици и полицијата стрелаат 28 мирни жители на Гарван. Према податоците со кои располагала тогашната информативна служба на ВМРО, убиени се: Атанас Колев, дете на 13 години, Моне Василев дете на 12, Мите Здравев момче на 19, Ефтим Петрушев на 20, Богатин Георгиев на 23, Васил Симеонов на 27, Георги Донев на 31, Георги Милев на 32, Димитија Колев на 37, Димитар Иванов на 41, Доне Василев на 29, Ефрем Трајанов на 30,, Иван Василев на 35, Костадин Здравев на 18, Костадин Цветков на 31, Тане Иванов на 50, Пане Коцев на 28, Петре Георгиев на 40, Петруш Атанасов на 21, Петруш А. Велјанов на 35, Петруш Иванов на 47, Стевко Трајанов на 39, Стое Коцев на 34, Стојан Филипов на 25, Тасе Ефтимов на 52, Трајан Тасев на 23, Христоман Поцев на 57 и Јане Поцев на 59 години. Една од жените во селото, Цвета Томева на 65 години, кога ги видела жртвите и нивните масакрирани тела, починала од инфаркт. Така, жртвите се вкупно 29 души.

Да се стигне до село Гарван на плус 40 степени Целзиусови претставува вистински подвиг. Навигацијата служи само донекаде, потоа треба да се има придружник, човек кој го знае местото. Побаравме помош од еден од бившите градоначалници на Конче, бевме љубезно контактувани по телефон, ама кога понатанко објаснивме, човекот и покрај ветувањата не се јави на телефон. Едноставно, одби да дојде со нас. Просто, сега не е времето да се шета низ Македонија со некои за кои знае каде припаѓаат…јасно, ова не е време за Бугарија и македонските бугари!

Гарван изгледа напуштено, но сепак има некаков живот. Повеќето куќи се полусрушени, очигледно е дека стопаните наполно се откажале од евентуален живот тука, но има барем пет-шест куќи во кои се гледа живот. Веројатно сите не живеат тука преку годината, но сега е лето, па има и неколку деца низ дворовите. На излезот од селото има споменик, висок околу два метра, со чешма од подножјето во која има вода. Споменикот е подигнат во 1984 година, во спомен на убиените жители од Гарван, а споменикот го подига…нема да се сетите, Сојузот на борците од НОБ од Радовиш. На врвот на споменикот има ѕвезда петокрака, но напишано е коректно-убиени од југословенската власт во 1923 година. Ставен е и датумот 23 март, што не соодветствува со информацијата на разузнавачката служба на ВМРО. Горе на споменикот има оставено цвеќе, сега веќе наполно исушено…добро е тоа, жртвите не се заборавени, некој доаѓа и оддава чест.

Споменикот на убиените во масакрот во селото Гарван.

Прашуваме како да стигнеме до гробиштата. Од блиската куќа излегува еден човек на средни години. Љубезен и со широка насмевка, се труди да ни објасни каде се гробиштата. Го прашуваме што знае за споменикот. Ами, вели тој, тука се убиени некои од селово, не знам, ама “мај бугарѐто са ги убѝли“…било, вели, одамна, одмавнува со рака и не упатува кон гробиштата. Не, немаше тука никаков “говор на омраза“, немаше ништо непријателско. Тоа беше само констатација на еден човек кој си ја гледа работата, а петокраката на врвот на споменикот, каде тој пие вода од чешмата, а стоката му се напојува од убаво уреденото корито, го наведува да помисли она што е најлогично…бугарите ги убиле?! Тоа е резултатот од нашите “секогаш добри односи со бугарите“, ама ете сега “некои сакаат да внесат омраза меѓу двата народа“! Да беа бугарите да убиле толку луѓе на едно место и во еден ден, до сега на местото ќе имаше меморијален парк и споменик како “кеопсовата“ пирамида. Интригантна е годината на подигањето на споменикот, 1984 а повод е празникот 11 октомври.



Тито е умрен веќе четири години, рестрикциите на струја и домашни потреби се секојдневие, огромна инфлација, албанските бунтови се реалност на Косово и во Македонија, а политичарите од Белград и Загреб ги исцртуваат новите сфери на влијание во Југославија. Некој се сетил да каже каде е македонската земја, различна од југословенството, па макар и со петокрака. Во тоа време, вистинска храброст.

Ако гробиштата се слика на местото и жителите, гробиштата на Гарван се слика на трагедијата. Сместени карши селото, оставени се напуштени и запустени. Има само два-три нови гробови. Самите гробишта се зараснати во грмушки и трње, а црквичето на гробиштата е вистинска рушевина. Останати се неколку слики од икони и две плочи кои говорат дека некој “Качамако“ бил дарител на црквите во 1940 и 1945 година. Никој не знае кој бил тој, но секако бил заможен и побожен човек, склон кон добродетелство.

Убиените во 1923 година се закопани на тие гробишта, но гробовите се растурени и пропаднати во земја, обраснати со жбунови. Не се познаваат ни имињата на закопаните, потполно избришано минато, останато веројатно само во спомените на поединци?! За оние седумтемина убиени во 1914 година не нѝ прашавме каде се погребани…тие се одамна заборавени низ изровената земја на “Дамјановско поле“.

Во целата оваа трагедија, се појавува и една особеност. Имено, за време на владеењето на “бугарската фашистичка окупација“ во периодот 1941-44, бугарската “администрација“ нема подигнато споменик на жрвите во Гавран. Ова е малку необично, затоа што бугарската армија и држава, подигаат секогаш споменици на своите војници и офицери, паднати во борбите, или починати од болести или рани. Овде се работи за “цивилни жртви“, за воено и поствоено злосторство, па така, работата е оставена на самите мештани на решавање. Како е решена, самите се уверивме.

Претходните генерации покажаа доблест во посочувањето на Гарванскиот колеж. Во Софија се организираат демонстрации со учество на дваесет-триесет илјади души и се носат плакати со ликовите на злосторниците. Истото е и низ градовите во Европа. Сето тоа нема никаков ефект-Бугарија е поразена држава во Првата светска војна, потпишала такаречи капитулација со Нејските договори, па нејзиниот глас нема никаков ефект.

Денес, на новите генерации останува должноста за одбележување на злосторството врз цивилните жртви од српската окупација на Македонија и тоа треба да биде дел од “преговорната рамка“ со која ќе бидат задолжени и Бугарија и Северна Македонија, заеднички да реализираат соодветни обележја. Тоа би било вистински демократски чин…изречението “мај, бугарѐто ги убѝја“ треба да биде оставено на едно минато, југословенско време!

Следува: Злосторниците и судбината!

Претходна статија

Вардарската прекодификација на бугарскиот јазик

Следна статија

Живот во мит

Најново од Истакнато