| |

ГДУ: БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ ЗА ОШТЕТЕНИТЕ ГРАЃАНИ ОД ИЗВРШИТЕЛИТЕ

„Внимателно ги следиме протестите на граѓаните кои го искажуваат нивното незадоволство од работата на извршителите и искрено не загрижува односот на надлежните институции, особено на Министерството за правда и министерката Рената Дескоска, бидејќи тие немаат слух за својот обесправен и опљачкан народ и на секој можен начин гледаат да ја избегнат одговорноста или да ја префрлат на некоја друга институција или државен орган.

Обесправените и оштетените граѓани, изманипулирани од сите досегашни Влади на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, веќе со децении се измалтретирани од институциите кои треба да им служат и да ја обезбедат нивната благосостојба, а наместо тоа, тие се игнорирани и оставени на милоста или немилоста на извршителите и бирократите.

Ве известуваме дека ГДУ целосно и безрезервно ги поддржува граѓаните кои протестираат против извршителите, ги охрабрува нивните намери за остварување на правдата и ги поддржува нивните барања:

1. Целосна ревизија над работата на сите извршители и одговорност на оние кои го прекршиле законот.

2. Утврдување на реален и фиктивен долг.

3. Бришење на камати за предмети кои „спиеле” по фиоки.

4. Враќање на извршителите во судовите во посебни извршни одделенија.

5. Обесштетување на сите граѓани кои се оштетени од незаконити дејства на извршителите.

Покрај тоа, ги известуваме сите заинтересирани и оштетени граѓани дека Граѓанско Демократската Унија со нејзиниот правен тим ќе овозможи бесплатна правна помош за сите граѓани кои имаат проблеми со незаконити постапки од страна на извршителите на целата територија на Република Македонија.

Повеќе информации за оваа активност можете да добиете на нашата електронска пошта или на нашиот телефонски број кои се објавени на нашата веб страна www.gdu.org.mk“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ГДУ, Дарко Попоски.



Слични Објави