| |

ГДУ: ИМ ЈА „ЧЕСТИТАМЕ“ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА „БРАТСКАТА“ АМНЕСТИЈА

Ја користиме оваа прилика да им упатиме честитки на членовите на Собранието и од опозицијата и од владејачкото мнозинство, кои уште еднаш на дело покажаа како се работи „братски” и експресно си го донесоа Законот за амнестија за настаните од 27 април.
Оваа прилика ја користиме и да му го честитаме именденот на Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој овие денови нашироко објаснува дека е дел од влада која на прво место го има „владеењето на правото” и верува дека „ќе направиме чудо”. Господине Димитров, не мора да се трудите повеќе, ние одамна сме чудо од земја!

Колку за потсетување, дел од препораките на Рајнхард Прибе.
„Очигледна, директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности, вклучително и изборни измами, корупција, злоупотреба на власта и овластувањата, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок врз вработени во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивното отпуштање), тешки прекршувања на процедурите за јавни набавки со цел добивање недозволен профит, непотизам и протекции, индикации за несфатливо политичко мешање во номинацијата/назначувањето на судии, како и мешањето во други наводни независни институции заради лична или партиска корист.”

Но, затоа Владата откако исто братски го стокми Законот за финансирање на политичките партии, го зготви и Законот за пазарите, па сега инспекторите (имавме прилика да видиме како се однесуваат неодамна) ќе ги лиценцираат. Во оваа земја чудо, 11000 денари пензија се многу пари и се разбира дека секој дополнителен приход е најстрого забранет.

Од следната година и наставниците ќе бидат лиценцирани, тоа ќе го спроведат „партиските јуришници” вработени во Министерството за Образование.

Но, проклето тешко е да се донесат законите за поврат на ДДВ, да се промени методологијата за формирање на цената на горивата, за задолжителниот надомест кој им го наплаќате на луѓето кои се „греат” како Итар Пејо на казанот!

Почитувани членови на Партиско-Деловниот Картел кој се претставува како Законодавен дом, ви честитаме на храброста со која покажавте дека криминалот на „вашите” секогаш ќе биде амнестиран, дека јавниот интерес за вас завршува со хонорари, вработувања на членовите на вашите семејства, тендери и унапредување на деловните односи меѓу вас.

Сивата економија за вас се пазарџиите, додека заменикот министер за финансии не знае ниту кој закон е на дневен ред, но „подготвено” се појави на говорница да брани – некој закон, некаков закон?! Да, тоа е таа посветеност за која постојано зборувате.

Веруваме дека никаква мултилатерална обланда нема да биде доволна зад која и овојпат онака „братски” ќе се скриете како и досега, затоа што се додека сте Вие тука, отсуството на поранешниот премиер Груевски, не се забележува- се вели во соопштението на Граѓанско демократска унија.



Слични Објави