| |

ГДУ: Не смееме да дозволиме банките во спрега со државата да ги вметнат своите штетни барања во Законот за извршување

„На 23.03.2018 ја следевме дебатата на ТВ со наслов “Судир помеѓу извршителите и граѓаните”, околу извршните постапки, незаконитостите, дополната и изменувањето на Законот за извршување итн…
Законот за присилно извршување од 2005 година, кој беше добро осмислен и донесен во најголем дел во интерес на банките и крупниот капитал во РМ, им овозможи на банките да направат тотален пустош врз имотите, за огромен број на незаконски побарувања и криминални хипотеки кои датираат уште од далечната 1993 год.
Во 2016 година беше донесен нов Закон за извршување, кој, според нивните искази не им одговарал на банките, со овој закон имале проблеми. Но, знаеме ли зошто?
Затоа што не успеале до крај да ги реализираат незаконитостите, па и она малку што остана од имотите кои не успеале да ги приграбат со помош законот од 2005-2006 год., бараат начин како да го дореализираат.
“Во пресрет им излегува” катастарот, па на 21.12.2012 година се носи Законот за катастар, со кој им се овозможува на заинтересираните, меѓу кои и банкие, да ги запишат хипотеките за претходни кредити, како и да се изложат имотите, да се запишат…, во рок од пет години.
И со овој закон повторно не успеале до крај да ги реализираат незаконитостите и да ги докрајчат имотите, па во меѓувреме го припремиле, како што изјави во ТВ дебатата од пред некој ден – заменикот министер за правда, таканареченото старо законско решение за запишување во јавна книга кои изостанале во законот од 2016 година, кои се покажале како потребни во пракса, па истите ќе влезат како законско решение во овој нов закон, а сето тоа по укажување на ЗДРУЖЕНИЕТО НА БАНКАРСТВОТО!?
Значи, детектирани биле проблемите што се однесуваат на банките околу имотите, хипотеките, доградбите, но дали ќе се најде институција во државава која ќе детектира за што во суштина станува збор околу ваквите побарувања на банките? Дали некој ќе детектира зошто банките цели 20 години не ги запишале хипотеките за некакви претходни кредити? Зошто не ги запишале хипотеките!? Период од 20 години, кога е настапена АПСОЛУТНА застареност за покренување на некаква постапка, не па за запишување на такви права, уште повеќе што хипотеките сèуште не се запишани, а банките преку нотарите и извршителите веќе ги реализираат овие спорни хипотеки. Кој им го дозволува и овозможува сето тоа? Дали некој ќе ги детектира незаконитостите на банките, нотарите, извршителите…? Дали некој ќе ги заштити граѓаните? Конечно, дали ќе се најде некој што ќе ја заштити Македонија од ова разнебитување?
Наместо да отвори истрага, државата по којзнае кој пат, по укажување на самите банки, ќе ги прилагодува законските одредби во Законот за извршување во корист на банките, а со тоа во корист на незаконитоста, како што тргнале, да можат да ги докрајчат имотите и граѓаните.
Исто така, од фелата на извршителите се фалат со фактот дека постои тренд на намалување на времетраењето на извршните постапки, кое во 2018 година било “само” 127 дена, а во споредба со состојбите од 2006 година претставува огромно подобрување.
Да, добар тренд, но што станува со истражувањата кои укажуваат на голем број злоупотреби од страна на извршителите? Извршни постапки кои траат не по 127 дена, не по 500 или 1000, туку траат по 3000 денови па дури и повеќе (повеќе од една деценија!), истражувања кои укажуваат на тоа дека ваквите криминални извршни постапки потекнуваат од банките, свесно ги спроведуваат извршителите и нотарите, свесно ги одобруваат и судовите со незаконити пресуди и незаконити решенија, ги премолчуваат и обвинителствата, а буквално и сите надлежни институции во Македонија.
Не е ни чудо што со новиот закон за извршување се овозможува извршна постапка да се води врз основа на Извршна исправа во фотокопија заверена од нотар!?
ПРАКСАТА ПОКАЖУВА ДЕКА ИЗВРШУВАЊЕТО ТРЕБА ДА БИДЕ ДОЗВОЛЕНО САМО СО ОРИГИНАЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА! Новиот закон за извршување мора да го гарантира тоа!
Лицемерието и апсолутната негрижа на властите за својот граѓанин е во растечка насока, со што и ден денес вратата за граѓанинот и граѓанскиот сектор кај властите е затворена, гласот на граѓаните е непожелен и беззначаен, а во контекст на тоа што и новата власт не најде за сходно да го покани граѓанскиот сектор, напротив, повторно ги поканиле и примиле на разговор “претставниците на тајкунскиот сектор” во РМ и на банките, кои 30 години безмилосно го уништија целокупното стопанство и македонските граѓани, во една општествена констелација во која што за цел период имаме нефункционален правен систем, нeфункционален обвинителски систем, ниту пак имаме некаков функционален контролен механизам кој што ќе изврши надзор врз работата на овие финансиски институции, финансиски компании, кои се длабоко инволвирани во сериозни незаконски и против уставни дејанија, врз грбот на македонските граѓани.
Затоа, банките како најзаслужни за овој пустош во државава, биле почестени да присуствуваат на дебатата околу донесување на новиот закон за извршување, “за да си ги кажат маките” околу приграбувањето на имотот.
Во ТВ емисијата беше поставено одлично прашање: “На кого ќе му извршуваат за неколку години како што тргнале вака!? Само на пензионерите кои ќе останат во Македонија”.
Но, по се изгледа дека нема ниту на пензионерите да им извршуваат, демографијата ќе го има последниот збор.
Не смееме уште еднаш да им дозволиме на банките, во спрега со министерствата, извршителите, нотарите, правниците… да ги вметнат своите алчни и штетни барања во Законот за извршување, ако сакаме да си ја спасиме државата и да го заштитиме имотот на граѓаните односно сопственичките права.
Поради тие причини, пред да се донесе новиот Закон за извршување, за објективно да се утврдат сите незаконитости, граѓаните на Република Македонија бараат целосна ревизија на работењето на извршителите, нотарите, нивните комори, катастарот, банките, надлежните министерства и останатите надлежни институции, сè со цел еднаш засекогаш да се стави крај на разнебитувањето на нашата држава“, се вели во соопштението на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).



Слични Објави