| |

Националистички игри без граници

Често користената изрека „ национализмот е последното прибежиште на ништожниците “, или во побрутален превод- криминалците, во последните три десетилетија на Балканот, и тоа како ја потврдува веродостојноста. Како иманетна појава на секоја национална заедница, национализмот, само во зависност од констелациите на внатрешнополитичките и надворешните односи на една државна и национална единица, има различен интензитет, пројавност, застапеност, но во суштина секаде е ист. Имено, националистите се исклучиви колективни групи, кои врз база на своето митолошко минато, создаваат имагинарни светогледи, пред се за своето заедничко колективно минато, кое го величаат до небесата. Секогаш, својата заедница ја поставуваат на историскиот пиедестал, и од тој „ врв“, надмено, арогантно и самодоволно гледаат кон „ инфериорните соседи“.

Од друга страна , реакционерниот национализам  е пред се својствен за малите народи / нации, оние кон кои историјата задоцнила, т.е  многу подоцна формирале свои национални држави. Оттука , по временско-историска трансверзала на нештата, тие во себе ја носат фрустрацијата на „ задоцнет народ“, кој заради „ светскиот заговор на центрите на моќ“, многу порано не успеале да формираат своја државна и политичка заедница. Особено, вакви примери  се репрезентирани кај балканските држави и нации, кои скоро без исклучок, се „ реакционерни националисти“.

Без малку ниту една балканска држава, не е „ задоволна “ од опфатот на своите државни граници, и секоја упатува на тоа дека „ дел од нејзината природна/ етничка територија“ , се наоѓа во составот на соседна земја, поради непринципиелните  и онеправдувачки „ ножички на кројачите на балканските карти“ на мировните зелени маси низ историјата.  Сето тоа, упатува на еден  немирен ( нескротен) национализам, кој во зависност од политичкиот вожд ( лидер) кој ја води / управува соодветната балканска држава, тој  ( не) се држи  за уздите.

Национализмот на Балканот е како буица, пониран од  длабоките и историски напластени фрустрациии, всаден  во етноколективот на секоја национална балканска заедница.  Спиралата на националистичката омраза, само создава се поголем и порастеглив федер, кој како што покажаа раните 90 –ти, не  втурна во разорувачки, бестијални и етнички крвави војни, стотици илјади невини цивили, кои животите ги загубија , токму поради ова „ националистичко цунами“,  кое беше ја зафатило поранешната заедничка држава- Југославија.

Несомнено, сите балкански држави без исклучок се мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични. Пред балканските држави постојат две изгледни ситуации во иднина: да ги помират внатрешните етничко-религиски разлики, да ги хармонизираат своите меѓуетнички односи , да изградат општество на демос ( граѓани), а не се повеќе ,  да се заровуваат во својот етнос, градејќи помеѓу себе ѕидови, наместо мостови. Балканот меѓу другото, претставува и најсиромашниот регион на тлото на најбогатиот континент.

Големата невработеност, посебно кај младата популација, создава агонија, апатија, чувство на бесперспективност и истата резултира со масовно селење во западноевропските и прекуокеанските држави. Од друга страна, оние ништожниците ( криминалците), јавнати на бранот на етничкиот национализам, единствено и само под параванот за „ заштита на националните и државните интереси “ на својот народ,  криминализирано и коруптивно, трупаа енормни богатства за себе и своите најблиски фамилии, создавајќи материјален  и личен капитал, на кој можат да позавидат и етаблирани високи европски, па и светски политичари.

Под велот на национализмот, на  заспелениот мал Балканец, во вистинска смисла на зборот  му поарчија скоро 3 децении од неговиот живот, а на младите во овие балкански небиднини им ја упропастија иднината во нивните родни татковини.  Овие исти балкански никаквеци, кој без никаков морал, грам срам и  личен интегритет,  економски , материјално, духовно, културно и социјално, ги опустошија и обезвреднија, балканските држави и општества, оставајќи ги на историската ветрометрина без никаков трасиран патоказ.

На нам ни останува,  да видиме дали сме ја научиле „ лекцијата“ , од изминатите три децении, од нашите самопромовирани и самопрогласени политички елити, или и во наредните три децении, ќе бидеме предмет на бескрупулозни, бесчесни и бескрајни „ националистички игри без граници“.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки



Слични Објави