ГДУ: ПОВЕЌЕ ТЕСТИРАНИ ЛУЃЕ, ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ!
„Во светски рамки, како основнo оружје во оваа битка со опасниот вирус Ковид-19 се покажале масовното тестирање како и изолацијата-карантинот.
Затоа предлагаме:
- Зголемување на бројот на тестирани граѓани, вложување на целиот државен капацитет за зголемување на можностите за тестирање на граѓаните, особено во населените места каде што има регистрирано случаеви на Ковид-19. Тестирањето, пробите за тестирање да бидат земени од мобилни тимови по преценка на здравствените работници.
- Изолирање во карантин со уште построги мерки за контрола на секој заразен, соодветно лекување.
- Секој кој ќе влезе во државата да биде тестиран и во карантин, согласно мерките кои важат и сега.
- Контролни пунктови пред населените места, особено во оние населени места каде што нема регистрирани случаеви на Ковид-19. На пунктовите да се земаат проби за тестови на секој кој влегува во населеното место, да се врши анкета и да се собираат податоци за неговата состојба како и причините за патувањето и неговите евентуални контакти. Да се дезинфицира возилото, но и патниците во него, како и на секој да му се даде заштитна маска, ракавици и друга заштитна опрема.
Искрено сме растревожени од хаосот кој владее во реториката помеѓу политичките субјекти во Македонија. За наша огромна жал, и во овие тешки моменти, не успеавме како општество и држава да го впрегнеме целиот капацитет и знаење, со цел да се справиме со предизвикот пред нас. Многу малку слушаме конкретни предлози за справување со кризата, особено во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните. Имаме длабока убеденост дека економските интереси, како и економските последици од пандемијата, успеаја да го изместат фокусот од основниот приоритет во моментот, а тоа е здравјето на граѓаните.
Без здрави луѓе, кои ќе произведуваат и ќе бидат потрошувачи, невозможно е да ја санираме или воопшто да ја развиваме економијата.
Затоа ние од Граѓанско Демократската Унија-ГДУ ќе останеме лојални на нашето разбирање дека сега не е моментот за политичко препукување, туку е момент во кој сите кои имаат конкретни идеи, знаење и капацитет, се должни да го впрегнат во оваа тешка битка.
Предлагаме радикални мерки за борба против Корона вирусот, со јасна цел како приоритет а имено здравјето на нашите сограѓани. Бидејќи сме мала земја овие предлог- мерки ќе може да се спроведат брзо и ефикасно и за не повеќе од месец дена ќе успееме да ја изолираме епидемијата, а здравите наши сограѓани во меѓувреме ќе можат да продолжат со работа.
Така ќе го заштитиме населението, но ќе ги намалиме и лошите реперкусии врз економијата“, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.