ГДУ- ШТИП: ДО КОГА МЕХАНИЗАЦИЈАТА НА СТИПИОН ЌЕ СТОИ ВО САМИОТ ГРАД?

До кога сепарацијата и механизацијата на Стипион ќе стои во самиот град, прашаа на прес од штипскиот огранок на Граѓанско Демократската Унија:

„До кога луѓето што живеат во близина на автобуската станица во Штип, ќе мора да ја дишат прашината и да ја трпат буката од тешката механизација, од сепарацијата на јавното претпријатие „Стипион“, која се наоѓа на истата локација? Бидејќи власта се залага за европска иднина, би сакале да прашаме, дали имаат видено во некој сериозен и нормален европски град, да има сепарација во населено место или во центарот на самиот град“, праша Борче Пачемски, претседател на ГДУ – Штип.

Наместо ова, од ГДУ прашуваат дали и кога Општината има намера да ја дислоцира механизацијата на Стипон во Новакова Чешма , кај старите воени магацини:

„На истата локација вработените во ЈП „Стипион“, би имале подобри услови за работа и проблемот со жителите би бил решен. Само да напоменеме дека ние од ГДУ не бараме виновник за проблемот туку бараме решение. Овој проблем не е партиски туку граѓански. Воздухот околу сепарацијата го дишат сите, без разлика дали се партиски определени или неопределени. Освен тоа во близина на сепарацијата има и угостителски објект“, кажа Пачемски.