ГДУ-ШТИП: ОД „ГОЛЕМИТЕ“ ИНВЕСТИЦИИ НА ТЕРИТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА, КОЛКУ СЕ ВО „ВЕРНИОТ ИСТОК“ ОДГОВОР НЕМА!
„Премиерот Заев, на неколку пати се пофали со тоа дека Владата склучила нови 34 договори за инвестиции, како на странски така и на домашни, од кои веќе 12 фабрики се изградени, а 24 се во процес на градба. Ние од ГДУ би сакале да ги прашаме, како локалната власт така и Владата, колку од тие фабрики се градат во источна Македонија и во кои градови?
Нашата цел не е да ги омаловажиме или да ги претставиме како неспособни, туку преку нашето прашање и одговорот, граѓаните сами да увидат дека ова е уште една Влада во низата на овие 30 години, која тотално го изоставила и го заборавила „верниот Исток“, како што милуваат да го наречат!
Почитувани сограѓани, сами споредете ги резултатите, но и ветувањата на сите влади досега во нивните предизборни програми. Затоа ние прашуваме, не само како политичка партија, туку како најобични граѓани кои живеат во овој регион, каде во Истокот се гради и колку странски инвестиции имаат донесено во регионот? Од финансискиот бум кој беше ветен, дали се мисли на народната поговорка дека од ветување куќа не се растура? Но јасно е, држава се растура… Или пак имаме нова поговорка во пракса која важи за Истокот? Тоа што треба да го завршиш за денес, не го оставај за утре, туку остави го за понатаму, додека не се иселат сите?!
Онаа поговорка дека на лагата и се кратки нозете, по 28 години вртење во круг од сестрите близначки ДПМНЕ и СДСМ, за нас дефинитивно е погрешна поговорка и престанавме да веруваме во неа. А терминот „верниот Исток“ ние апелираме да се замени со „заборавениот Исток“! “, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ГДУ-Штип, Борче Пачемски