ЈАСНА ВИЗИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ
Замислете дека живеете во држава во која имате сигурна и добра работа, со редовна плата од која можете убаво да живеете со целото семество, да си купувате се што ви треба, да си одите редовно на одмор и на викенди, концерти, претстави, натпревари… Замислете да имате убаво живеалиште, лимузина, најсовремена техника итн, да се бесплатни здравството и школството и секој месец да штедите пари од платата. Замислете на работа да имате весели колеги, кои ве почитуваат, „гинат“ на работното место и блиску соработуваат со вас за подобар работен успех. Замислете да нема корупција, сите во државната администрација да се љубезни и веднаш да излегуваат во пресрет на секое ваше барање, да нема криминал, никој да не смее да ја притиска полицијата да поништува казни за прекршоци и секој кој погрешил да биде казнет и осуден, па и министри и нивните најблиски. Замислете здравство кое е потполно опремено, кое има најстручни доктори кои совесно работат за сите подеднакво, без врски, и сестри кои трчаат по собите за најљубезно да ги негуваат болните. Замислете судови кои одлучуваат чесно, без никакви притисоци, и по итна постапка. Замислете политичари, пратеници, кои се возат со градски превоз и кои земаат просечна плата во Македонија, без додатоци. Замислете да сте сосема безбедни и државата да е под чадорот на НАТО, а државната економија да е организирана и дел од пазарот на ЕУ, по меѓународни стандарди. Замислете избори на кои се гласа со отворени листи и на кои граѓаните одлучуваат кој да им служи во наредните 4 години, а избраните пратеници потоа да гинат 4 години за на тие граѓани да им се оддолжат за довербата и честа која им ја укажале, и за можноста да и служат на својата држава и на своите граѓани. Замислете лидери на партии кои се плашат од пратениците, граѓанските слуги, и зависат од нив? Дали би сакале да живеете во таква држава?
Одговорот секако дека е ДА, и затоа луѓето се селат од Македонија, за да живеат во таквите држави. И секоја чест на луѓето кои направиле нивните држави да им бидат такви, тие имаат и визија и висок државен дух и морал, пред се огромна љубов за сите луѓе, и затоа заслужуваат највисока почит. А дали ова е можно и во Македонија? Секако – ДА ! Ова не е никаква фантазија – туку реална ВИЗИЈА за Македонија, релативно краток период по воведувањето на изборниот модел со ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ. Промената на државниот изборен системот неминовно наметнува и промена на однесувањето на луѓето, на нивната култура и сфаќања, зошто тие секогаш се прилагодуваат кон државниот систем.
Има еден природен закон кој треба да се знае и почитува, а тоа е дека за да се оствари некоја цел најнапред треба да се има ВИЗИЈА, ментална претстава за изгледот, особините и начинот на функционирање на таа цел. Колку визијата е пореална, „попластична“ и подетална – толку замислената цел побрзо и поквалитетно ќе се оствари. А ако главната цел ни е Македнија да стане членка на ЕУ – логично е граѓаните секојдневно да бидат бомбардирани со претстави, визии како Македонија ќе изгледа 10-50 години по зачленувањето во ЕУ, како ќе живеат граѓаните, како ќе функционира државниот систем, итн. Ако сите наши партии истакнуваат дека главна цел им е зачленување на Македонија во ЕУ, и тоа што поскоро, тогаш зошто ниедна не истакнува своја ВИЗИЈА како ја замислува Македонија во ЕУ?
Од лично искуство ќе потврдам дека во разговор со членови и симпатизери и на СДСМ и на ДПМНЕ до неодамна никој не веруваше дека Македонија навистина ќе влезе во НАТО, а од ДПМНЕ се смееја и на храброста за таква надеж, како и дека ќе почнеме преговори со ЕУ (за што и денес се скептици). Нивна главна цел им е да победат на следните избори – и да ВЛАДЕАТ во Македонија, да ги трошат парите од буџетот како им одгвара, нивни да се и победата и пленот! Никој нити има, нити сака да има визија – што по добивањето на датумот за почеток на преговори, не дај боже што по станувањето на Македонија полноправна членка на ЕУ. Имам впечаток дека во ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се ужаснати од помислата Македонија брзо да стане членка на ЕУ, кога НАТО е веќе готова работа, и се плашат и да разговараат на таа тема – за визијата како би изгледало тоа, затоа што потсвесно знаат дека во таквата Македонија нема да има место ни за ДПМНЕ ни за СДСМ ни за ДУИ, бар не какви што се сега, и дека тогаш некоја трета вистински револуционерна политичка сила ќе ја води државата – сила која ќе воведе и спроведува отворени изборни листи. Таа нова политичка сила ќе оневозможи крадење пари од граѓанскиот буџет, местење тендери, вработување во државна администрација по партиска линија – ќе ги укине постулатите на кои се темели постоењето и работењето на сегашните ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, и од тоа тие панично се плашат.
Токму затоа ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ сега само декларативно се за влез на Македонија во ЕУ, а всушност од позадина прават се за тој процес на почеток на преговори со ЕУ да не успее, за да може што повеќе да се продолжи овој матен период на лесен живот на државна сметка, на грбот на глупавите граѓани кои лесно се манипулираат. Најголемите партии во Македонија го имаат синдромот на вечен студент, кој се запишува на факултет затоа што мора, многу е притиснат, а потоа гледа да студира што може подолго, ако може и доживотно, барајќи оправдувања во лошите професори, претешкиот материјал, здравствени проблеми и триста варијации – само да не испадне дека тој е крив што паѓа на испитите, ужасно плашејќи се од помислата да дипломира – и потоа да треба цел живот да работи и да го издржува семејството! Вака му е убаво, на грбот на семејството или државните дотации, и спремен е на сѐ – само така да остане што подолго. Исто прават ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ: јавно се декларираат дека се за ЕУ и почеток на преговори, се тепаат кој да ги преземе заслугите заради почнувањето на преговорите, а веднаш почнуваат со најавите дека има држави кои преговарале и повеќе децении, дека е тоа тежок процес, дека ЕУ всушност и не не сака, дека се распаѓа итн.
Голем проблем за Македонија е тоа што и нашите мафијаши и криминалци, кои се главни поддржувачи и финансиери на големите партии, се свесни дека за нив нема да има место во таа Македонија кога ќе стане членка на ЕУ, па тие уште поочајнички се борат од позадина да ги исплашат политичарите случајно да не попуштат, им се закануваат и ги уценуваат да не ги прават чекорите кои ги бара ЕУ, преку свои платени новинарчиња ја оцрнуваат ЕУ како бабарога, дека Македонија ќе пропадне ако влезе во ЕУ, итн. Тие се главната причина за негативната и анти-ЕУ кампања од некои кругови и медиуми, за да се изманипулира и исплаши простиот народ во Македонија. Сепак, за среќа праксата покажува дека такви прости луѓе има се помалку, луѓето се освестуваат и се повеќе ги поддржуваат помалите партии кои искрено се борат за итно воведување на отворените листи, и кои ќе бидат новата политичка сила во Македонија.
Јас имам токму таква ВИЗИЈА за Македонија по влезот во ЕУ, како држава во која граѓаните сигурно и богато живеат, во меѓусебно почитување и соработка, државните институции функционираат како вредна и ажурна служба на граѓаните, политичарите се слуги на граѓаните и се борат за нивните потреби и права, фирмите работат по меѓународни стандарди и извезуваат стока и знаење низ цел свет, максимално се почитуваат законите и човечките права, Македонија е културен, бизнис и туристичкии центар на Балканот, прима и вработува квалитетни работници од другите држави кои сѐ уште не вовеле отворени листи, и од кои држави овие работници бегаат. Сите кои ја имаат истата ВИЗИЈА за Македонија треба само на следните избори во април да гласаат за партиите кои нудат итно воведување на ОТВОРЕНИ ЛИСТИ во изборниот закон, уште во првата година од водењето на државата. Оние кои ова ќе го направат ќе бидат запишани со златни букви во македонската историја, како најголеми патриоти кои ја спасиле Макединија од црната троглава ламја која, преправајќи се и лажејќи дека ја чува Македонија – 30 години им ја пиеше крвта на македонските граѓани. Со гласањето за партиите кои нудат итни ОТВОРЕНИ ЛИСТИ во април граѓаните можат веднаш да ја утепаат ламјата и да ги разбијат темните облаци над Македонија, дозволувајќи на јасното и ведро европско небо – силно да засвети врелото македонско сонце !
Автор: Елизабета Најдоска Величкова