ГДУ: Укинување на патните трошоци за сите функционери
„Патните трошоци на пратениците никако да стигнат на дневен ред во Собранието. Очигледно е дека и на владејачката,и на опозициската партија не им одговара кратење на патните трошоци. Сите сложно молчат.
Македонската јавност виде како покрај огромните плати, парламентарците си го полнеле џепот и со пари од граѓаните за патни трошоци, а она што најмногу загрижува е дека според одредени информации си имале добро разработена шема со која го изигрувале законот и добро се офајдиле од патарини.
Откако се се обелодени и стигна осудата од јавноста, сега СДСМ нуди три опции за кратење на патните трошоци, а ДУИ како провокација најавуваше амандман со кој ќе се бара укинување .
Апелираме пратениците да престанат да провоцираат и да најавуваат нешто што не го мислат и не го посакуваат, туку да го направат она што треба . Доста е со богатење на грбот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај.
ГДУ бара да се укинат патните трошоци за СИТЕ ИЗБРАНИ И ИМЕНУВАНИ ФУНКЦИОНЕРИ.
Народните избраници да не се обидуваат да го одлолговлекуваат ова прашање и да тераат по старо. Наместо да се натпреваруваат кој повеќе ќе земе за патни трошоци, нека се фатат за работа, за она што се избрани и да носат закони во корист на граѓаните.
Платите на пратениците и директорите се доволно големи да можат да си платат превоз до работното место, или да си изнајмат стан. Само за споредба еден македонски пратеник е 3,5 пати подобро платен од просечен граѓанин.
Почитувани пратеници, бидете доблесни и почитувајте ги оние кои ви овозможиле пратеничко столче и висока плата“, се вели во соопштението на Граѓанско демократската унија.