|

Георги Дјулгеров: Нација што не ја познава својата историја, нема иднина

„Записи за едно предавство“ е новиот филм на Георги Дјулгеров, чија премиера ќе се случи на претстојниот „Софија филм фест“. Филмот, инспириран од епохалните „Записи за бугарските востанија“ на Захари Стојанов, е 94-минутен историски расказ за предавството и смртта на Георги Бенковски и средбата на Захари Стојанов со дедо Ваљу десет години подоцна.

„Причината за пишување на ова сценарио е емоционална. Во една телевизиска игра на знаење, наставник од гимназија на прашање на водителот: „Што знаете за Георги Бенковски?“, кажа дека не знае многу, а на конкретното прашање: „Знаете ли како загинал“ – кажа дека не знае. Повторувам, Професор од гимназија. Признавам, тоа многу ме налути бидејќи длабоко во себе верувам дека нација што не ја познава својата историја, нема иднина. Тоа го исповедав во филмовите што ги снимав. А потоа, веќе следниот ден, седнав, ги грабнав „Записите“ на Захари Стојанов и напишав сценарио кое го снимив по деветгодишна пауза благодарение на тоа што телевизијата донесе одлука за екранизација“, рече режисерот во „Артефир“.

За него „Записи за бугарските востанија“ служи како бугарска библија со која треба да се гордееме. А средбата со предавникот е толку трогателно драматична, што плаче за филм.

Филмот на Георги Дјулгеров има за цел да ја репродуцира смртта на Бенковски, но и да потсети кој е тој. Расказот ги следи главните фази на неговите активности во подготовката на востанието и потоа.

„Историските филмови не треба да бидат илустрации за историските читанки. Убеден сум во тоа дека тие, и покрај тоа што треба да бидат автентични и максимално вистинито да ги репродуцираат историските настани, треба да имаат и некаква порака за современиците. Во спротивно, ќе постојат како некаква архаичност која неминовно води кон вештачка, екстатичка патетика. Сакав да го избегнам тоа и затоа многу стриктно се придржував до „Записите“, бидејќи самиот Захари Стојанов не си дозволува да ги преиначува фактите и да создава погрешни патриотски чувства. Големината на неговата книга е што во неа има и подем, и пад“, рече Дјулгеров.

Со својот филм тој се обидува да го прикаже човекот во неговата дијалектичка различност. Режисерот се занимава со прашањето за предавството, а заклучокот што го предлага е дека робот е предавник, слободниот човек не е.

Во „Записи за едно предавство“ улогите ги толкуваат Пламен Димов во улогата на Георги Бенковски, Иван Николов го толкува Захари Стојанов, а Ивајло Христов е во улогата на предавникот дедо Ваљу. Клучни ликови во филмот се и отец Кирил (Цветан Алексиев), Неју (Красимир Доков) и Стефо Далматинецот, чија улога ја толкува Џорџ Арабаџијски. Кинематограф на филмот е Веселин Христов, уметник е Георги Тодоров-Жози, музиката е на Мила Искарова, а како костимограф дебитира Стамена Стоева, студентка на Георги Дјулгеров.

Проекцијата на „Записи за едно предавство“ е на 19 март во 20:30 во киното „Љумиер“.



Слични Објави