Георгиев: Муцунски многу добро знае, што треба да направи владата во Скопје
Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, изјави дека повеќепати разговарал со неговиот колега министерот за надворешни работи на Северна Македонија Тимчо Муцунски и дека тој „многу добро и категорично ја знае“ позицијата на Софија. Георгиев нагласи дека сега е задача на Муцунски да ја убеди сопствената влада да ги исполни обврските преземени со консензусот од 2022 година, кој е клучен за напредокот на Северна Македонија кон членство во Европската унија, јавува БГНЕС.
Георгиев потсети дека во мај бугарскиот парламент со 209 гласа донесе одлука со која ѝ наложи на владата да се придржува исклучиво кон договорените рамки од 2022 година. „Но до овој момент од Скопје немаме добиено позитивен одговор“, рече тој за бугарската државна телевизија.
Според него, низа постапки од македонска страна будат сомнеж во искреноста на намерата за европска интеграција. Тој истакна дека токму Бугарија во 2018 година прва го отвори прашањето за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, но дека сега напредокот е закочен поради „политичка пасивност“ во Северна Македонија, особено во делот на уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот.
„Искрено се надевам дека овие негативни стандарди ќе бидат совладани и дека ќе може да се работи суштински“, порача Георгиев.
Тој додаде дека вистинско добрососедство и соработка се можни само ако се почитуваат преземените обврски. Во исто време, како контраст на состојбите во Скопје, ги посочи Албанија и Црна Гора како држави кои „посветено и активно“ работат на реформите и јасно ја демонстрираат својата волја за членство во ЕУ.

