|

Герасимовски: Центар е лидер во енергетска трансформација

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска учествуваше на конференцијата „Локална енергија и социо-еколошка агенда“ на која се дискутираше за успесите и предизвиците на локалните енергетски трансформации, за бизнис моделирање на локалниот пазар на енергија, за намалување на енергетската сиромаштија, за вклучување на ранливите граѓани и за зајакнување на заедниците. На оваа конференција, учество зедоа странски експерти од енергетскиот сектор, бизнисот, науката и граѓанските организации од Шпанија, Италија, Чешка, Белгија, Холандија и Северна Македонија.

Во своето излагање, Герасимовски потенцираше дека Општина Центар е препознаена како позитивен пример за социо-еколошка трансформација на локално ниво со имплементирани неколку еколошки проекти.

„Во изминатиот период активно работиме за социо-еколошка агенда и иницијативи што треба да придонесат кон одржливи решенија за подобар живот на сите граѓани. Први отворивме енергетска канцеларија и први во земјава оформивме трговско друштво за продажба и производство на струја „Енергија Центар“. За основањето на трговското друштво добивме награда за најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија. Особено сум горд што постигнавме заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија со поставените фотоволтаици на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот „Пепелашка““, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека позитивните искуства од Центар треба да ги имплементираат и останатите колеги градоначалници, затоа што кога граѓаните се во прашање мора да го дадеме максимумот за подобрување на квалитетот на живот.

Во текот на вчерашниот ден, Општина Центар беше домаќин на странските експерти кадешто им беа презентирани позитивните македонски искуства за социо-еколошка трансформација на локално ниво.

Конференцијата е во организација на Македонската платформа против сиромаштија и Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје.



Слични Објави