|

Герасимовски: Ќе поднесеме иницијатива со ЗЕЛС за конфискација на дивоградби и пренамена на објектите

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за „360 степени“ зборувајќи за дивоградбите во општината и високите средства за нивно уривање, најави поднесување иницијатива до ЗЕЛС за пренамена на нелегалните објекти и нивна пренамена во објекти потребни за граѓаните наместо нивно уривање.

„Ние како општина ќе побараме, ќе почнеме иницијатива, ќе ја доставиме до ЗЕЛС, а тоа е измена на членови од законот со цел да имаме можност за конфискација поради тоа што, прво, нема да се прават трошоци, а самите објекти би ги користела или Општината или државата за одредени намени“, изјави Герасимовски за „360 степени“.

Герасимовски исто така рече дека во планот и програмата што ја има направено инспекциската служба во општината, во делот за рушење предвидени се околу 9 милиони денари и најголемиот дел од средствата општината ќе ги искористи за уривање на објектот на т.н. пластичарска улица.

Како што рече Герасимовски, со цел Општината да може да урне повеќе нелегални објекти, ќе мора да се направи ребаланс. Токму поради овие високи средства, кои Општината мора да ги издвојуваа за оваа намена, Герасимовски ја наметна потребата за поинакво размислување и искористување објекти за центри за деца со посебни потреби или слични проекти од кои полза ќе имаат граѓаните.

Слични Објави