Герасимовски: Нова сензорна соба добива училиштето „Киро Глигоров“ во Капиштец
Од денеска учениците со образовни тешкотии во ООУ „Киро Глигоров“ добиваат нова и комплетно опремена сензорна соба, која е донација од Турската агенција за соработка и координација – ТИКА. Станува збор за донација на сензорна туба (со меурчиња), која менува бои, сензорни влакна, пректор со диск, сензорна светлечка маса, светлечки листови и бројки, базен со топчиња, лулашка, темен шатор, трамполина, светлечки ЛЕД-ципли, тактилен полигон за балансирање, кои ќе го подобрат совладувањето на наставните содржини.
„Инвестирањето во раниот детски развој е од исклучително значење за нашите деца. Вклучувањето на овие ученици во редовната настава е дел од образовната стратегија и сензорната соба, а што од денес ќе им биде достапна на децата од ова училиште, е само уште еден мал чекор кон исполнувањето на главната цел, а тоа е нивна целосна инклузија. Предноста на оваа соба е тоа што може да ја користат деца што немаат вербална комуникација, но исто така се користи и во ситуации за намалување вознемиреност, развојни тешкотии и сл. Искрено им се заблагодарувам на ТИКА за оваа донација, која верувам дека ќе придонесе за полесно совладување на наставниот материјал, ќе донесе поголема мотивација децата да учат и да истражуваат, но и да го намалат стресот и да ја зголемат концентрацијата“, изјави Герасимовски.
„Ме радува што и ние имавме можност да се вклучиме во еден ваков значаен проекти во соработка со самото училиште и Општина Центар, каде што мислиме дека е даден голем придонес на децата кои навистина имаат потреба во зголемувањето на нивната концентрација и намалување на стресот, како што истакна градоначалникот. Сите тие материјали и таа опрема што е сместена во сензорната соба се надевам и од сè срце верувам дека ќе даде најголем придонес за учениците најнапред, за наставниот и за целиот друг кадар во самото училиште. Јас се надевам и од сè срце верувам дека со оваа наша заедничка соработка ќе се даде најголем придонес во развој на моториката на тие дечиња и во зголемување на нивната концентрација во врска со наставните програми“, истакна Махмут Чевик, помошникот на претседателот на ТИКА.
Сензорната соба е наменета за 20-ина ученици од основното училиште „Киро Глигоров“ и таа ќе биде во функција додека се изведува воспитно-образовната настава. Во моментот во општина Центар функционираат сензорните соби во ООУ „Гоце Делчев“, „Ј. Х. Песталоци“, „11 Октомври“, „Кочо Раци“, „Кирил и Методиј“, а од денеска и сензорната соба во ОУ „Киро Глигоров“.