|

ГЕРБ победи на изборите во Бугарија, „Продолжуваме со промената“ втори – Петков останува во опозиција

На вчерашните избори во Бугарија, во парламентот пратенички места си обезбедија седум политички формации, при што најмногу гласови добила коалицијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ). Станува збор за партијата на поранешниот долгогодишен премиер на Бугарија, Бојко Борисов и на Сојузот на демократските сили (СДС), а на второто место е „Продолжуваме со промената“ (ПП), која ја предводеше последната политичка влада во Бугарија, на чело со Кирил Петков, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool bg.

ГЕРБ-СДС освоила 25,36 отсто од гласовите, а ПП има 20,2 отсто од гласовите.

Во Бугарија сега управува техничка влада назначена од претседателот на Бугарија, Румен Радев, откако на кабинетот на Петков на 22 јуни му беше изгласана недоверба.

„Движење за права и слободи“ (ДПС), долгогодишен коалициски партнер на ГЕРБ во неколку влади, е на третото место, со 13,71 отсто од гласовите, пред проруската „В’зраждане“ (Препород), која добила 10,17 отсто доверба, а на петтото место е Бугарската социјалистичка партија (БСП, со 9,31 отсто поддршка. „Демократска Бугарија“ (ДБ), коалициски партнер на ПП во претходниот политички владин кабинет доби 7,45 отсто. Според досегашните резултати, во парламентот сигурно ќе влезе и „Б’лгарски в’зход’ (Бугарско издигање) на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, со 4,63 отсто од гласовите.

Слични Објави