| |

13-годишен ученик од Варна создаде AI апликација за подготовка за матура по седмо одделение

Тринаесетгодишниот Крум Стојанов, ученик во варненското училиште „П. Р. Славејков“, создаде демо-верзија на апликација со вештачка интелигенција која им помага на седмоодделенците да се подготвуваат за завршните испити, пишува бугарскиот дневен весник 24 часа.

Апликацијата, наречена Easy Learning AI, е направена за четири дена, односно околу 20 часа работа. Идејата произлегла од училишна задача за создавање производ и реклама.

„Требаше да направиме проект – да измислиме производ и реклама за него. Јас решив дека тој производ може да биде реален“, раскажува Крум.

Easy Learning AI не дава само готови одговори, туку има цел да го поттикне ученикот да размислува. Апликацијата го следи нивото на знаење, дава задачи, повратна информација, анализира грешки и предлага начини за подобрување. Предвидена е и подготовка за надворешното оценување по бугарски јазик и математика, како и генерирање задачи според модели од претходни години.

Особено внимание привлекува гејмификацијата. „Ако одговориш точно, добиваш поени. Со нив влегуваш во escape room, каде решаваш задачи како во игра. Учиш, но без да почувствуваш дека учиш – тоа е идејата“, вели Крум.

Младиот ученик смета дека вештачката интелигенција треба да биде помошник, а не замена за размислувањето. „AI може да објаснува, да дава насоки, да помогне да ја разбереш лекцијата. Но не треба да мисли наместо тебе и да ти ги пишува домашните“, нагласува тој.

Засега апликацијата е само демо-верзија и ја користи самиот Крум. За да стане реален проект, потребни се наставници, содржини од издавачки куќи, сервери и финансирање. Неговата желба е апликацијата еден ден да им помогне на седмоодделенците да се подготвуваат без приватни часови.

Иако се занимава со програмирање и вештачка интелигенција, Крум не планира да стане програмер. Тој сака да биде актер, сценарист или режисер, а се насочува кон јазична гимназија во Варна, бидејќи верува дека „колку повеќе јазици знаеш, толку подобро“.

Крум е пример за генерација која не само што ги користи технологиите, туку и ги создава, со јасна порака дека вештачката интелигенција е корисна само ако се користи правилно.

Слични Објави