Германските туристи се враќаат во Бугарија, најавени близу 100.000 авионски места за следната година
Две големи авиокомпании најавиле близу 100.000 авионски места за Бугарија за следната година, а летовите ќе започнат на 15 мај, изјави во Созопол министерот за туризам на Бугарија Илин Димитров. Министерството разговара и со други превозници за зголемување на воздушниот капацитет и продолжување на туристичката сезона, јавува БТА.
Димитров оцени дека тековната летна сезона започнала колебливо, но досегашните резултати се на нивото од минатата година. Конечната анализа ќе биде објавена во октомври.
Министерот соопшти дека се работи и на олеснување на патувањата за туристите од Турција, вклучително и преку зголемување на капацитетот на конзуларните служби.
Тој нагласи дека културниот туризам ќе биде меѓу главните приоритети на ресорот во 2026 година и го посочи фестивалот „Аполонија“ како настан што придонесува за афирмација на Созопол како културна и туристичка дестинација.
