| |

Главчев во Берлин: Го поддржуваме проширувањето на ЕУ, но под услов да се почитуваат условите и процедурата

Ние сме големи поддржувачи на проширувањето на Европската унија (ЕУ), но со зачувување на општите услови и процедурата што им е позната на сите“. Ова го изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев во Берлин, каде што учествуваше на Самитот во рамките на „Берлинскиот процес“, соопшти прес-службата на бугарската Влада. „Отсекогаш сме биле на ставот дека секоја земја која е кандидат за членство во ЕУ мора да има сопствени заслуги за учеството во Европската унија, како и да ги почитува сите права и одговорности што ги презела во процесот наведува Главчев, пренесува БТА.

Премиерот истакна дека во однос на билатералните средби, во текот на процесот е предложено проширување на преговорите на ниво на земја-членка-кандидат – ЕУ, за да се избегнат контрадикторности меѓу двете земји. „На крајот на краиштата, ова го направивме со Република Северна Македонија и очигледно одиме напред, како што беше даден добар пример на средбата – една земја да преговара со целата Европска унија“, вели Главчев.

Премиерот коментираше дека на средбата станало јасно дека Црна Гора ќе ги затвори преговарачките поглавја до крајот на годината и дека се очекува Албанија да почне да ги отвора преговарачките поглавја во овој период и дека се надевале дека Србија може да започне да отвора преговарачки поглавја на почетокот на 2025 година.

„Во однос на Зелената програма, во која учествувавме, ја истакнав особено важната улога за нас на Коридорот бр. 8, кој ги поврзува Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија во правец запад-исток. Пристигнувајќи до Варна и Бургас, коридорот ќе овозможи и пристап до оската север-југ од Грција до Романија, која има дури и глобална димензија. Ја истакнавме важноста на овој коридор“, додаде премиерот.

Премиерот имаше говор на вториот панел на форумот на тема „Зелена агенда, поврзаност, енергија“. Бугарскиот премиер го истакна развојот на транспортните коридори, како што е Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), која ќе ги намали трговските бариери и ќе ја подобри мобилноста во регионот. Главчев ја истакна и енергетската поврзаност, како и инвестициите во енергетската инфраструктура и обновливите извори. Тие се од витално значење за намалување на зависноста од фосилни горива и усогласување со Зелената агенда за Западен Балкан.

Берлинскиот процес е воспоставен во 2014 година како платформа за зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и земјите домаќини на Берлинскиот процес, како и ЕУ.

Учесници во процесот се земјите од Западен Балкан – Албанија, Србија, Република Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, како и земјите – Германија, Австрија, Франција, Италија, Хрватска, Словенија, Велика Британија, Полска, Грција и Бугарија.

Европската унија е комплетна само со Западен Балкан, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на состанокот.

Слични Објави