| |

Глуви години

Пишува: Владимир Перев

1.
Во животот на по возрасните граѓани на СФРЈ, вклучително и СРМ/РСМакедонија, дочеците на новата година веќе одамна заличуваат на некаков дистописки филм, во кој заедно учествуваат власта и народот. Мантрата на предновогодишните чествувања е секогаш иста, со дружење, јадење и пиење, а вечерните вести на информативните гласила секогаш се исти. Уште од “времето на социјализмот“ главната тема ни беше колку ќе поскапат цигарите, бензинот, кафето, а особено лебот, тој наш насушен прехрамбен производ. Сѐуште не сме ги зборавиле тогашните новогодишни дочеци на ТВ со неизбежните Мија и Чкаља, а понекогаш бога ми, се јавуваше и Маршалот, да го убеди работниот народ дека “помина времето кога работниците требаше да го стегаат каишот, од утре ќе биде подобро“…и така секоја година, а народот осиромашуваше сѐ повеќе и повеќе“. Никој не говореше за опстојувањето на државата, сите говореа дека таа беше гарантирана од “братството и единството“ на нашите народи, за потоа некаде, како далечно ехо, некои други да говорат за човекови права, сиромаштија, неразрешени јазични и национални проблеми, да говорат за “мирисот на војната“ која тлее некаде во извесната, не толку далечна иднина. И едните и другите само говореа, ама не се слушаа…

Тоа беа глувите години на мојата младост.

2.
Денес нашата Македонија е самостојна, независна и суверена држава, членка на НАТО и сериозен апликант за членство во ЕУ. Изминат е плодоносен и долг пат, но проблемите кои ни претстојат се многу по сериозни. Како да не сме ги научиле лекциите од минатото, па одново се среќаваме со репликите на југословенството; проблемите со етничката и верската припадност, проблемите со јазикот и проблемите со националноста. Исто како и во времето на Југославија, сакаме да живееме во илизијата дека сме демократска држава со разрешени клучни прашања за етникумот и употребата на јазиците. Далеку сме од таа работа, ние не можеме да го решиме ни прашањето со химната и грбот на државата. Половина нација не ги прифаќа за свои…она другата половина, која ги прифаќа, не се согласува ниту со нивната форма, ниту со содржината на тие обележја на државноста.

3.
Титовата Југославија, декларативно, се бореше против два надворешни непријатели: 1. светскиот империјализам и фашизам и 2. советскиот бирократски етатизам. Маршалот секоја нова година не убедуваше дека “победуваме во борбата против тие два пројавени системи на експлоатација на човекот“, но крајот на СФРЈ кажа друго. Таа држава се растури во прав, пепел и крв, а “западните империјалисти и советските етатисти“, опстојуваат сеуште, посилни од било кога.

4.
Денес, кај нас овде, ништо не се променило. Ние сме гордите наследници на Титовата Југославија, Титовите идеи и неговата борба “на два фронта“…нешто како Германија на фон Молтке во Првата и на Хитлер во Втората светска војна. Знаеме како завршија двете Германии и “нашата“ Југославија…како срам за човештвото! На премиерот Мицкоски и на нашата влада, главните непријатели им се во Брисел и Софија…се досеќавате, нели? “Империјалистите“ од Западот кон кој толку многу сакаме да се приопштиме и “етатистите“ од Софија, од кои толку многу сакаме да се разделиме. Ама “етатистичката“ Софија сега е во ист сојуз со западните, бриселските “империјалисти“! Едно навидум лесно прашање за човековите права во Македонија, вметнувањето на бугарскиот национ/етникум во Преамбулата на Уставот на РСМ, доведе до тектонски промени на македонската политика. Херојските изјави на премиерот дека “додека сум јас премиер, бугарите нема да бидат внесени во Уставот“ и дека ние нема “да подлегнеме на прашања кои се решавале во 11. и 12. век“, се основата на “борбата на два фронта“, против Софија и Брисел. Сето тоа зачинето со изјави на осуда на политиките на Унијата по однос на Западните Балкани, како и препораките за “надминување на билатерализацијата во односите меѓу апликантите и членовите на Унијата“, дополнително ја објаснуваат македонската тврда националистичка позиција. Бугарите не можат да бидат рамноправни со другите народи во Македонија. Промовираните “црвени линии“ на нашата политика кон Бугарија и Унијата, се само далечно, стерилно ехо на путиновата теорија за агресијата кон Украина.

Софија и Брисел продолжуваат по старото на кое се навикнале, се прават дека не нѐ слушаат…дали се ова новите “глуви“ години?

5.
Едно итроманство и едно “вјерују“ ја профилираат современата, денешната македонска политика. “Љубезноста“ на Владата дека бугарите может да бидат внесени во Преамбулата на Уставот со “одложено дејство до крајот на преговорите“ е не само итроманство, туку подлост од најдолен вид. Влада која сака да држи свои граѓани како заложници во остварувањето на нивните основни човекови права, со цел да оствари свои нереални барања пред ЕУ и целиот напреден свет, е злосторство кое сигурно ќе биде казнето. Сето тоа зачинето со волшебната думичка “реципроцитет“ толку многу употребувана за рекетирање на Софија по правата на македонските бугари, како “замена“за правата на “македонците во Пиринско“. Тоа старо југословенско наследство во Пиринско, е камен околу вратот на младата македонска демократија.

Вјерујуто во Отворен Балкан, онака како го замислуваат Мицкоски и владата во Македонија, немало и никогаш нема да има, без разлика кој и колку од надвор го поддржува. Дури ни американците…и Америка веќе не е она што била. Сигурно е дека тоа го сака српскиот претседател Вучиќ, ама сигурно е и дека не го сака “неговиот и наш најдобар пријател“ Орбан, На Унгарија не и треба обединет Балкан, неа и требаат мали разединети држави, уплашени од “Големата“ Србија и подложни на орбановата “пејзанска“ политика која минува само овде. Впрочем, Орбан е човекот кој го пратија “да пие кафе“…тој е селската величина на примитивниот Балкан.

Новите години не секогаш отвораат нови видици, на тоа се научивме од “нашата“ Југославија. Напротив, често водат до безизлез и деструкција.

Како и некогаш, сите говориме, никој не слуша! Ова се нашите бесконечни “глуви години“…

Слични Објави