ГОЛЕМИ ПОЖАРИ БЕСНЕАТ ВО КАЛИФОРНИЈА, ЗАГИНАА ШЕСТ ЛИЦА

Најмалку шест лица загинаа во големи шумски пожари кои ја зафатија американската држава Калифорнија, додека најмалку 43 лица се повредени, меѓу кои има и пожарникари.

Големите пожари ги гаснат повеќе од 12.000 пожарникари, изгореа стотина објекти, а илјадници други се во опасност.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом побара помош од Австралија и Канада, потенцирајќи дека австралиските пожарникари се најдобри во светот во борбата против шумските пожари.

„Овие пожари ги надминуваат нашите ресурси“, рече тој.

Апелираше до американскиот претседател, Доналд Трамп, да потпише декларација за големата катастрофа.

Во моментов има околу 560 активни пожари во Калифорнија, од кои некои се најлоши во историјата на оваа американска држава, пренесува BBC.

Повеќе од 12.000 удари на гром предизвикаа огромни пожари, а за време на топлотниот бран во Националниот парк Долина на смртта, евидентирана е рекордна висока температура од над 54 степени.

Службите за вонредни состојби соопштија дека некои пожари се зголемиле за неколку часа и околу 175.000 луѓе ги напуштиле своите домови.

Најтешка е ситуацијата во планините јужно и источно од Сан Франциско.

Пожарот се заканува и на други големи градови како Санта Круз.

Дополнителни бригади на пожарникари, машини и авиони доаѓаат да помогнат од други држави, вклучувајќи ги Орегон, Ново Мексико и Тексас.