„Големото оро“ на бугарските фолклорни ансамбли од 18 држави се одигра на плоштадот пред општината во Лион
Танчер(к)и од над сто бугарски фолклорни ансамбли од 18 држави се фатија на големото бугарско оро на Place des Terreaux пред општината во Лион, јавува БТА.
Фолклорната иницијатива „Големото оро“ е дел од програмата на патувачкиот собир „На мегданот на другата Бугарија“, чие десетто издание се одржува меѓу 6 и 8 јуни. Домаќин годинава е бугарската танцова група „Од изворот“.
Додека Бугарите од Европа и Соединетите Американски Држави танцуваа заедно, на плоштадот настапија и гостите изведувачи на собирот – народната пејачка Гуна Иванова, машката фолклорна група „Кабадалии“ и фолклорната формација „Пиринско Тројче“. Француски туристи кои цртаа со акварел покрај фонтаната „Бартолди“ беа инспирирани од фолклорниот настан и направија свои креативни интерпретации и цртежи на бугарските носии.
На настанот присуствуваа генералната конзулка на Бугарија во Лион, Надја Живкова – Ванева, директорката на Извршната агенција за Бугарите во странство, Рајна Манџукова, и други гости.
Патувачкиот собир „На мегданот на другата Бугарија“ започна во 2015 година, кога по покана на групата „Од изворот“ и под мотото „Ѓурѓовденски игри“, во Лион се собраа танчери од 14 бугарски формации од шест европски држави.
