Горан Герасимовски: Центар добива нова градинка, дом за стари лица и нови инфраструктурни проекти
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, најави нови проекти кои, како што истакна, ќе бидат реализирани во вториот мандат.
„Поддршката од центарци за вториот круг се зголемува, ме радува што ја препознаа нашата работа. Работевме домаќински и покажавме како се води општина во интерес на сите граѓани, а не на политички интереси“, изјави Герасимовски.
Во обраќањето до жителите, тој најави изградба на нова градинка, дом за стари лица, две монтажни катни гаражи, административно-граѓански објект и два покриени базени. Општината, според него, ќе набави и две цистерни и пет метларки за подобро одржување на хигиената, како и ќе воведе ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало со цел намалување на сообраќајниот метеж.
Герасимовски потенцира дека со „истата грижа за секој еден центарец“ ќе продолжи и во новиот мандат, уверувајќи дека „во недела следува победа“.
