| |

Горазд Китановски-Кени: Драчево заслужува култура

Драчевски Фештивал е фестивал на култура, уметност, забава, знаења и пријателства кој ќе се одржи во Драчево во периодот од 21 до 23 декември 2023 г. За прв пат во неговата историја тоа место ќе добие културен фестивал кој нуди ваква богата програма.

Бидејќи Драчево заслужува култура!
Бидејќи Драчево заслужува вистинска фестивалска журка!
Имаме богата програма, за секого по нешто, современо и квалитетно – дозволи си да се воздигнеш и во новата година направи нов чекор, време е за забава – повод веќе измисливме! – вели Горазд Китановски-Кени од Радио Радосно Драчево организатор на фестивалот.

Што ќе има на фестивалот?

На првата вечер на Драчевски Фештивал имаме разиграна програма, дури и подиумот ќе почне да денса!
Вечерта ја започнуваме со гласот и ритамот на нашите омилени безвременски македонски хитови на Тоше Проески, Ареа, Игор Џамбазов, Нина Спирова, Каролина Гочева, Влатко Стефановски [имаме неколку пејачки кои остануваат изненадување] па продолжуваме со нашиот гостин MAS од Америка кој носи неверојатна харизма и енергија следен на програмата е Bork Nomad или светскиот патник кој ќе не разрдма на конги и латино и афро битови и со особена радост го најавуваме ТОНИ ЗЕН чии хитови и песни ќе ги пееме сите во еден глас. Вечерта ја завршуваме со хаус и техно диџеј сет на Анастас – а он добро знае да ги извади гостите од кондури и да те натера да денсаш како никогаш во животот.
Но тоа не е се – секако!
Ќе не посетат и магични гости, ќе има и open mic и…. уште многу други работи – дозволете да се изненадите!

Што се случува кога ќе ги споиш сите уметности на едно место?

На втората вечер на Драчевски Фештивал културно се воздигнуваме и на уметноста се радуваме!
А бидејќи светот останува на децата па затоа настанот ќе биде отворен со музички перформанс од десетгодишната Беба заедно со младите танчерки од Студио Данса Латина Стефи. Македонски настан не е македонски доколку крвта не игра во 7/8 такт а наше особено задоволство ќе настапи култното друштво КУД Китка од Драчево.
Следува поетски слем перформанс кој ќе го изведе националниот шампион во слем поезија Горазд Кени и музиката на [?]. Ќе имате екслузивна можност да ја гледате премиерата на филмот “НИЕ”, филм кој веруваме дека позитивно ќе влијае на вашиот светоглед. Луциден и оптимистички овој филм со сигурност нема да ве остани рамнодушни. Филмот е во режија на Горазд Кени Китановски и Исток Чаповски во продукција на Радио Радосно Драчево.
Но тоа не е се – секако!
На настанот ќе биде поставена изложбата “Драчево некогаш и денес” фотографски времеплов низ Драчевската култура и архитектура од Кристина Паскоска Коларовска.
Имаме и голем број на ракотворци и млади претприемачи кои своите дела ќе ги изложат на базарот.
Коктелот е на наша сметка, да наздравиме за сите нас, да наздравиме во име на љубовта!

Исто така на 23 во текот на денот одржуваме повеќе работилници односно работилница за ХипХоп Танц, Зумба, Јога под менторство на Студио Данса Латина Стефи и работилница за креативно пишување и изразување која ќе ја водам јас. Работилниците се бесплатни и се поканети сите млади и постари од Драчево.

Од каде се роди идејата за Драчевски Фештивал?

Епа се започна пред 29 години кога и се родив во Драчево хахаха. Искрено верувам дека ние го бираме местото на раѓање и има причина зошто се раѓаме таму каде што се раѓаме но тоа е друга тема. Веќе неколку години замислувам како се случува културен фестивал во Драчево и имав неколу обиди претходно да ја реализирам идејата но “нешто не се отвораше”. Порано бев глуп и аплицирав во министерство за култура и се надевав дека луѓето што работат таму препознаваат и поддржуваат визионерски идеи кои го облагодаруваат човекот. Изгледа грешка сум бил, верувам дека тоа ќе се промени. И оваа година СЕ ОТВОРИ, односно пред месец дена ми дојде визија повторно за Драчевски Фештивал. Јас го гледав фестивалот, се радував колку се среќни луѓето на фестивалот – е сега уште треба да се организира и во материјалниот свет да се случи си велам. И таков полн со ентузијазам и без банка во џебот тргнав да организирам. Ја соопштив идејата на Коко (газда на кафичот Даст и легенда од Драчево) и него му се допадна и помогна за букирање на артисти. Ја споделив идејата на сопственикот на 44 Energy (компанија за произведување енергија) и на нив им се допадна и они станаа генерални спонзори на фестивалот. Отидов кај Dentisimo они помогнаа со печатње на постери, флаери.. и си викам “ДРАЧЕВЦИ СЕ ЗАКОН ЕЈ!”. И претходно имам барано спонзорства и од државни институции и од бизнисмени и најчесто сум бил одбиван – ама драчевциве се закон еј! Така да овој фестивал е скроз ДРАЧЕВСКИ. Од Драчевци за Драчевци. Да живее Драчево.

Зошто фестивал во Драчево?

Еј, многу го сакам Драчево. Драчево не се опишува, Драчево се доживува. Овде навистина владее поинаква димензија на енергија. Со самото влегување во населбата, после мостот, воздухот поинаку мириса. Позитивно откачени сме ние, така да – кога ќе дојдете на фестивалот нека не ве чуди ХАЈПОТ! Околу 40 000 луѓе живеат во Драчево и на толкав број население навистина е жалосно да нема еден културен настан. Време е да се пукне меурот на изолираност кој надраснал над населбата. Овде живеат прекрасни луѓе кои заслужуваат културно да се облагодарат. Да завршиме со една песна за Драчево а?

Драчево мое прекрасно
најубаво си ми ти
љубов во секој здив
во срце си изрезбано
за кого ли светиш волку блескаво
Драчево мое најмило
го молам Бога најчисто
љубов да те дари милум
ти да беше човек ќе имаше мил ум
со срце храбро најсилно!

Гoразд Кени Китанoвски е слoбoден и среќен чoвек. Има 29 земски гoдини и дoаѓа од Драчево. Љубопитен патник, луциден перформер, претприемач, продуцент и режисер на видливи и невидливи филмови. Нема факултет или било каков друг сертификат кој ја “докажува” неговата експертиза или знаење. Едноставно делата зборуваат за него. Неговите видеа имаат стотици илјади прегледи на социјалните медиуми и се жив доказ дека поет може да предизвика позитивна општествена промена.

Во 2021 година ја објавил својата прва книга “Бетер Times” а промоцијата се одржа во градскиот јавен автобус 41. Книгата е водечка по својата иницијативност и креативност, бидејќи авторот рачно ја напишал, потоа направил фотокопии и така ја „дилал“ низ цела Македонија. Во 2021 г. станува национален шампион во слем поезија а во 2022 г. ја претставувал Македонија на европското првенство во слем поезија што се одржало во Рим, Италија.

Досега има учествувано и организирано повеќе од 100 мултимедијални перформанси, читања, концерти и настани ширум Македонија и Европа.

Неговото влијание е препознаено од USAID и два пати бил номиниран за наградата “Youth civic engagement award” вп 2021 и 2022 година.


“Јас сум слободен патник со дупнати чевли
каменчиња ме боцкаа
па морав да научам да летам
повеќе не одам пешки”



Слични Објави