Одложено е рочиштето за претепувањето на Христијан Пендиков
Одложено е рочиштето за претепувањето на Христијан Пендиков. Тоа се случи 20 минути од почетокот, на барање на адвокатите на обвинетиот Илија Спасески.
Тие пред судијата Бојан Мартиноски кажаа дека не им се доставени сите докази со кои Обвинителството ќе докажува вина судот. За нив е важно да ги имаат аудио и видео записите со кои располага обвинителот, по што обвинетиот Спасески ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи и судијата Мартиноски.
Охридското Обвинителството поднесе Обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
„На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот“ – соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.