Горчливите плодови од измислените лекции
Пишува: Иван Николов, директор на КИЦ Босилеград, за БГНЕС
Тоа што понекогаш на Балканот има затишје и пукањето престанува, не значи дека војните престанале. Тие продолжуваат да се водат со други средства – со перење на мозокот и поттикнување на луѓето против вистинските или наклеветените непријатели. Во таа смисла, ретко кој е изненаден од пожарите, провалните кражби, тепањата и бришењето на бугарските здруженија во Северна Македонија од регистарот на невладини организации во земјата.
Откако со децении во југословенската официјална историографија и учебниците по историја на сите нивоа се учеше дека Иван Михајлов и цар Борис III биле „фашисти“, нема што друго да очекуваме од денешните фанатизирани југомакедонски „патриоти“ во однос на Културните центри „Иван Михајлов“ и „ Цар Борис III“, кои ги носат нивните имиња.
Така се воспитувани и учени, така прават.
Сега само ги береме горчливите плодови од измислените лекции по историја и литература, од илјадниците антибугарски статии, од „Трето полувреме“ и други северномакедонски и југословенски антибугарски филмови, од систематското влевање страв за опасноста од „бугаризација“ на Македонија итн.
Од пејачот Алабаковски до претседателот Пендаровски, сите се воспитаници на една иста школа во која со години учеле напамет дека Бугарите се фашисти и окупатори, а Тито е олицетворение на хуманизмот, слободата и правдата.
Таа идеолошка мантра, заедно со сè останато, беше канонизирана до ниво на апсолутна догма и беше задолжителна не само за Македонците, туку и за сите југословенски народи и народности кои имавме лоша судбина да се родиме и да израснеме во таа држава. Нас не подготвуваа еден ден да се слееме во некоја нова супернација на „југословени“ и да ја заборавиме нашата национална припадност како некаков примитивен архаизам.
За волја на вистината, тој процес беше доста напреднат и сѐ повеќе луѓе се декларираа како такви. Така и се чувствуваа. Ако ви кажат нешто друго ќе ве излажат. Тие беа убедени дека живеат во супер држава и беа подготвени да ја отсечат главата на секој што се сомнева во тоа. Иконата, извинете, портретот на Тито не висеше само во училниците, универзитетските амфитеатри и државните институции, туку и во детските соби и спални. Тито беше „најголемиот син на сите југословенски народи и народности“, „најголем борец против фашизмот и империјализмот“, „генијален стратег“, лидер на движењето на неврзаните, творец на „југословенскиот самоуправен социјализам“, државник „од светски размери“ што се раѓа еднаш во илјада години или некој митолошки бесмртен натчовек.
Но, историјата реши поинаку.
Кога тој, како и сите привремени жители на оваа грешна земја си отиде, се излеа море од солзи и срцепарателни претскажувања дека вечно ќе чекориме по неговиот бесмртен пат. Километарски редици автобуси со ученици, студенти, работници и селани, воени ветерани и секакви други од Гевгелија до Триглав цела деценија одеа на аџилак во „куќата на цвеќињата“ на Ужичка 15. И тогаш на некои, но не на сите, малку по малку почна да им се избиструва сознанието од југословенските догми и митови. Скокна цената на „еретичките“ книги и особено на словенечките и хрватските списанија „Нова Ревија“ и „Старт“, а донекаде и белградската „Дуга“, кои ние, пољубопитните, тврдоглаво ги читавме.
Зад ореолот на божеството почна да се појавува ликот на сатаната. Тито беше рангиран на 13-то место меѓу најголемите масовни убијци на 20 век со околу 570.000 убиени луѓе за време на неговото владеење. Архивата на УДБА се уште е заклучена за да не излезат доказите на виделина. Но, десетици училишта, плоштади и улици во Србија и Северна Македонија продолжуваат да го носат неговото име!? Нема шанси од тие училишта да произлезат слободни, толерантни и европски граѓани кои размислуваат нормално.
Митовите за Југославија и југословенството, Братството и единството, самоуправниот југословенски социјализам, Организациите на заедничкиот труд, Сојузот на југословенските комунисти, Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, Југословенската народна армија, Народноослободителната војна – се уриваа пред нашите очи среде шокантните слики од војните во Босна, Хрватска и Косово.
Излезе дека сето тоа е една волшебна приказна.
Историската вистина почна да ѕирка оттука-оттаму, но во училиштата и универзитетите сѐ уште се пишуваат оценки само за совладување на учебниот материјал во кој четниците и партизаните веќе си ги разменија местата, но бугарските „фашисти и окупатори“ сѐ уште стојат. Дури ги направија уште поцрни и крвожедни. На местото на историските факти кои недостасуваат, излезе религиозниот фанатизам. Српската православна црква ги построи поповите и почнаа литии и опела за српските жртви, убиени од Бугарите за време на Првата и Втората светска војна. Сатанизирањето на Бугарија и Бугарите во Србија и Северна Македонија доби нов замав, за жал, со целосен молк од бугарска страна.
За бугарските жртви за време на српската окупација на Македонија, за „Крвавиот Божиќ“, убивањето и прогонот без судење и казна на македонските и нашите бугари од западните области, за тортурата во југословенските концентрациони логори, за раѓањето на македонската нација, „македонскиот јазик“ и писмото напишано на бугарска машина за пишување, нема ниту збор. Вистината е заклучена во тајните архиви на УДБА во Белград.
Словенија и Хрватска први почнаа да се ослободуваат од југокомунистичкото наследство, да ја ревидираат комунистичката историографија, да ги реформираат своите образовни програми, да се демократизираат и да водат преговори за членство во НАТО и ЕУ и денес веќе се стабилни демократски европски држави. Впрочем, самите германци, французи и италијанци, кои се во основата на Европската Унија, одамна се ослободиле од товарот на нацизмот и фашизмот на Хитлер, Мусолини или Петен. Тие направија сметка по завршувањето на Втората светска војна, го оставија минатото зад себе и сега се борат со предизвиците на сегашноста и иднината на Обединета Европа.
Србија и Северна Македонија се чини дека се замрзнати во времето. Иако Југославија одамна не постои, југословенството и македонизмот како антибугарска идеологија продолжуваат да живеат не само во сознанието на луѓето, туку и во политичкиот систем и државната структура. Во Србија го штитат Титовото комунистичко наследство и заедно со него ги рехабилитираат истакнатите фашисти Милан Недиќ, Димитрије Лотиќ, Дража Михајловиќ и Николај Велимировиќ и никој не е импресиониран од тоа!?
Во Северна Македонија ја обвинуваат за фашизам Бугарија, која активно ја зацврствуваше македонската државност, ги негираат основоположниците на својата држава – ВМРО и нејзините лидери Даме Груев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Иван Михајлов, затоа што за време на нивниот живот се декларирале како македонски бугари!? Од друга страна, југоносталгијата и македонизмот како антибугарска, сега веќе и антиевропска идеологија, ги заробија умовите на луѓето од најниските до највисоките општествени слоеви до таа мера што тие стануваат опасни не само за иднината на државата, но и за самите македонски граѓани.
Тие се опасни и за националните интереси на Бугарија и мирот и безбедноста на Балканот. Додека војуваат со имагинарните „фашисти“, тие сѐ повеќе почнуваат да наликуваат на нив. Сега ги уништуваат и забрануваат само бугарските културни центри, но нивниот фанатизам може да се насочи и кон луѓето. На интернет кружат списоци со имиња на Бугари таргетирани за нешто, а тоа е веќе опасно. Случајот со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков е доволно индикативен.
Особено денес, кога на сцена стапуваат пресвртните точки во историјата. На исток од нас се води војна, а од нејзиниот исход зависи судбината на човештвото. Како никогаш досега во историјата, ни треба просветлување, просветлување и ништо друго освен просветлување.
Навикнати сме со презир и потсмев да се однесуваме кон историските лаги и фалсификати што деноноќно ни се излеваат. Тоа воопшто не е смешно. Тоа е исклучително опасно кога ги опфаќа и мотивира толпите и се претвора во материјална сила.
Ако ја прифатиме библиската мисла дека вистината ослободува, тогаш секоја инвестиција во популаризирање и одбрана на историските вистини вреди многу повеќе од инвестициите во пропаганда и војна. Ние немаме други средства освен вистината и мораме максимално да ја искористиме, додека сѐ уште има време.