ЕУ го отвора првиот преговарачки кластер со Украина и Молдавија
Земјите-членки на Европската Унија постигнаа прелиминарен договор за отворање на првиот преговарачки кластер во пристапните преговори со Украина и Молдавија, со што е направен важен чекор во нивниот европски пат, јавува Нова тв.
Процесот досега беше блокиран поради резервите на Унгарија кон Украина. Блокадата е надмината по постигнувањето на „историски договор“ меѓу Будимпешта и Киев за правата на унгарското малцинство, соопшти унгарскиот премиер Петер Маѓар.
Иако преговорите за членство на Украина и Молдавија формално беа отворени во јуни 2024 година, напредокот беше запрен поради унгарското вето. Бидејќи двете земји се разгледуваат во ист пакет во рамките на проширувањето на ЕУ, тоа го забави и молдавскиот процес.
Првиот кластер ги опфаќа владеењето на правото, реформите во судството, борбата против корупцијата, функционирањето на јавната администрација и демократските институции.
Европските институции нагласуваат дека пристапниот процес останува долг и сложен, а членството не е загарантирано. Официјалното отворање на првиот кластер се очекува околу состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 15 јуни во Луксембург.
