| |

Гордоста од задолжувањето

Пишува: Бране Стефановски/Слободен печат

Македонските раководители континуирано го потценуваат потенцијалот на сопствената нација со убедување дека кредитите ќе нè направат горди, а не рационалното и одговорното трошење и ефикасната борба со крадците.

Сета политичка гордост и фалба за некакви историски успеси паѓа на рафтовите на продавниците, на бензинските пумпи, во банките, на висината на пензиите итн. Тоа е вистинскиот рејтинг на секоја власт, без оглед што велат нарачаните анкети. Е сега, тоа што некои се подготвени и корења да јадат како жртва за својата политичка опција, е квазиидеолошка маглива убеденост од која некои наши соседи не можат да се закрепнат, а се разбира и ние.

Проблемот е во тоа што чуварите и менаџерите на нашите пари се однесуваат како кон своја приватна сопственост, иако немаат никаква заслуга за тоа, освен инвестицијата во изборната кампања. Бидејќи стандардот на македонските граѓани никако да се доведе до едно пристојно ниво, можеме да констатираме дека не сме имале раководна структура што функционирала синхроно, стручно и, на крај, со чесна намера за рационално трошење на народните пари. Сме имале и имаме поединци, но тие не играат во првите тимови или не трчаат по партиските штабови, туку копаат по енциклопедии, пишуваат учебници и стручни трудови.

Се трошело и се троши крвнички, се крадело без мера преку разни платежни бравури, тендери, јавни набавки, непотребни патувања во центарот на периметарот, на прослави во Дубаи, преку аванта од работниците во администрацијата што не одат на работа, преку рекет до издишување на фирмите (во првите 6 месеци од минатата година 1.830 фирми биле затворени). Веќе е здодевно да кажуваме дека парите ги трошат мрзливите, нестручните и незаслужните. Според тоа – никој веќе не е невин, дали како поединец, дали како член на одредена општествена или политичка група, односно власт. Затворите се мали, а веќе нема ни кој да суди. Сѐ е во слободен пад, само цените се во слободен раст. Ниедна мерка не ги задржа, а никој информиран не се ни надеваше дека ќе ги задржи.

Македонија, низ призмата на домаќинлакот (економијата) е носител на најсрамната титула – „најсиромашната држава во Европа“! Оваа квалификација за нас значи – недомаќини, или неспособни домаќини, или растурикуќи. Македонија остана заробена во прангите на криминалот и корупцијата од која излегуваат земјите и народите кои, кога одевме на екскурзија кај нив, нè молеа да им ги продадеме шорцевите. Но, ова не е потценување на тие народи, ова е голема фалба, од еден таков живот, од кој нѐ гледале како некои од големото друштво, сега да нѐ гледаат како сиромашни, бесперспективни, безнадежни, ситни души, кои не гледаат никаква перспектива ни за себе ни за децата.

Една од земјите што не ни беше ни до колена, беше Унгарија, а сега од неа земаме кредити и се фалиме со тоа. Се разбира дека пред мирисот на политичката мирудија го затнуваме носот.

Што се однесува до конкурсот за искористување на парите од унгарскиот кредит, фалбата беше само со тоа дека сите општини аплицирале за тие пари и дека тоа било историски успех, а никој не го коментираше квалитетот на „проектите“. Ако се успешни, немаат потреба од задолжување! Токму со недомаќинското работење влегоа во минус од 70 милиони евра, но на луксузот не се штеди ни ден-денес.

Во најава е ново задолжување со неподносливи 6 милијарди евра, со нејасни податоци за условите, за потеклото, за земјата, за која цел, ако не за предизборна. Се претставува како голем успех, а не како уште потежок камен врз главата на сиромаштијата. Наместо да брзаме да искористиме нешто од европските фондови, кои сè уште се даваат, зашто може и тој извор да секне со оглед на ситуацијава, ние се фалиме со скокот во дупка во која со умисла се фрламе.

Ланското индустриско производство, во споредба со тоа од претходната година, беше намалено за 3,6 проценти. Со тоа никој не се „пофали“. Погледнете ја листата на најзадолжени општини и јавни претпријатија, ќе ви се разбистри сликата за историскиот успех; долговите се движат од 3 до 35 милиони евра по субјект!

Македонија е високозадолжена земја без капацитет долгот да го враќа безболно. Македонија е земја што спасот од стариот долг го бара во ново задолжување, а нема ниеден сопствен бренд на светскиот пазар во ниедна индустриска или високософистицирана технологија. Македонската компетитивност на светскиот пазар сè уште е изразена со народните ора и песни како „Тешкото“, „Пајдушкото“, „Јовано, Јованке“ и „Елено, ќерко Елено“…

Македонските раководители континуирано го потценуваат потенцијалот на сопствената нација со убедување дека кредитите ќе нè направат горди, а не рационалното и одговорното трошење и ефикасната борба со крадците. А, кои се крадците? Никој! Што украле? Ништо! Кој е осуден? – Никој! Кој е одговорен? Никој!

Изградбата на патиштата никако да заврши. Само слушаме фалби за експресни рокови, а годините си врват. Гордост ли е новиот рок за завршување на автопатот Кичево – Охрид, 57 км? За овој автопат беше донесе специјален закон за да се склучи директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ за да се изигра процедурата за јавни набавки. Овој невиден подвиг државата досега ја чини околу 600 милиони евра, а никој не е сигурен кога ќе биде пуштен, веќе никој и не ги памети ветените датуми за неговото пуштање во сообраќај. Веќе никој не го спомнува „СК 2014“ кој е во распаѓање, со ризик да утепа некого, а кој нè чинеше исто колку и автопатот.

Некој во оваа држава да ја имаше јапонската или кинеската гордост и одговорност, нивните морални принципи, сам ќе си пресудеше, а не да се фали и да игра на картата на краткото паметење на избирачите. Па и тие со тоа паметење, како чавка да им го испила мозокот!

Штом граѓаните во сите анкети велат дека лошо живеат, не може да има политичка гордост. Здодевно е веќе да ги цитираме Мастришките критериуми за границата на задолжувањето на членките и на кандидатките за членство во ЕУ.

Најновото „ќе“ е обид по којзнае кој пат да се кандиса јавноста да верува дека сега „Македонија ќе се сторит орлајт“. Ако на оваа фалба уште некој ѝ верува, тој е навистина зрел за набљудување на неговиот коефициент на интелигенција.

Парите од кредитите се туѓи, не се наши, ние ги земаме за божем да направиме нешто, а за таа услуга плаќаме камата (цена на услугата, збиберена со политичка ставка). Колку и да е ниска, таа постои и во апсолутен износ ниедна не е мала.

Каков е тој менталитет што се гордее со државното задолжување, божем не е негово, а се срами од личното задолжување по банките и кај пријателите?

Само лесноверните се радуваат на купот туѓи пари и се смеат, но кога роковите ќе почнат да чукаат на врата, таа насмевка се претвора во грч и болка пред рафтовите на продавниците.

Времето на пароли е поминато, животот се гледа низ призмата на парите, сакале тоа да го признаеме или не, можеби затоа, тие што го сфатија тоа порано, или први, сега не знаат со колкави богатства располагаат и им се смеат на своите сопствени гласачи во чие име се задолжуваат со неброени милијарди.

Анторис



Слични Објави