| |

ГОСТИВАРЕЦ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР ФИНАНСИСКИ ДИРЕКТОР ВО БУГАРИЈА

Младен Маркоски од Гостивар се закити со наградата Најдобар финансиски директор на годината за 2018-та во Бугарија. Престижното признание му беше доделено пред неколку дена на пригодна манифестација организирана по петти пат од консултанската компанија Ernst&Young   во Бугарија која го врши рангирањето на најуспешните професионалци во областа на финансиите.

Кандидатите се оценуваат според нивните најнови финансиски резултати, лидерство, стратешки насоки, иницијативи, иновации и др. Гостиварецот победи во категоријата „Севкупен придонес“, односно имаше најмногу поени во сите посебни категории – „Стратегија на развој на финансиската функција“, „Планирање и прогнозирање“, „Контрола и одговорност“, „Ликвидност и ризик“.

Маркоски е главен финансиски директор на мобилниот оператор А1 во Бугарија.
„Му благодарам на менаџментот и на тимот на А1 за поддршката и за одличните достигнувања кои ги направивме заедно. Оваа награда ме мотивира за уште поголеми напори и подобри резултати во нашата работа годинава“, изјави Младен за бугарските медиуми.

Четириесетгодишниот Маркоски има долгогодишна успешна кариера во областа на финансиите а во телекомуникацискиот бизнис е од  2002 година. Дипломирал на економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрирал бизнис администрација Cotrugli Business School.

Слични Објави