Министрите на одбраната на НАТО со фокус на воената помош за Украина и безбедноста на Алијансата
Министрите на одбраната на НАТО денеска го започнаа своето заседание со главна тема – воената помош за Украина и заштитата на Алијансата по серијата провокации од страна на Русија. На состанокот присуствуваат украинскиот министер за одбрана Демис Шмигал и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, јавува БНР.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека сојузниците веќе презеле обврска за финансиска поддршка од 2 милијарди долари преку програмата за Украина, започната во август оваа година. Според него, министрите ќе дискутираат за оваа иницијатива, позната како PURL, која овозможува САД да испорачуваат клучна летална и нелетална воена помош финансирана од земјите членки на НАТО.
„Еден од клучните аспекти е обезбедувањето системи за противвоздушна одбрана, неопходни за заштита на украинското цивилно население и инфраструктурата“, изјави Руте.
Тој ја отфрли тезата дека поддршката за Украина од страна на НАТО е намалена и потсети дека Русија веќе изгубила над 1 милион војници од почетокот на инвазијата.
Американскиот министер за војна, Пит Хегсет, нагласи дека само силата може да донесе мир и почит од противникот:
„Од претседателот Трамп научивме дека мирот се постигнува преку сила. Ако сакаш почит, мораш да имаш реални средства што непријателот ги респектира. НАТО тоа го прави – и очекуваме денес повеќе земји да се приклучат кон финансирањето на оружје за Украина за да се доведе конфликтот до мирен крај.“
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, најави дека Обединетото Кралство ќе испорача над 100.000 дронови за Украина до крајот на годината, како и дека заедно со Киев ќе произведува нови и подобрени прехвашачи. Тој потврди дека британските борбени авиони ќе продолжат да патролираат над Полска, како дел од мисиите за воздушна безбедност на НАТО.
