| |

ГРАДИНКИТЕ НЕМА ДА СЕ ОТВОРАТ ДОДЕКА НЕМА СИГУРНИ РЕЗУЛТАТИ ДЕКА СИТЕ ВРАБОТЕНИ СЕ СО НЕГАТИВНИ БРИСЕВИ

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека скринингот во градинките и официјално е почнат и беше дециден дека додека не се сигурни дека вработените се негативни на брисевите, нема да се носи одлука тие да се отворат.

„Почнува скринингот во градинките, вчера се направени финалните подготовки, а денеска се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани. Иако првично беше планирано тоа да биде во Центрите за јавно здравје, одлучено е сепак тие да не се мешаат со оние кои што се потенцијално заразени или со симптоми и доаѓаат во центрите. Тој процес ќе продолжи и понатаму, се додека не сме сигурни дека се целосно здрави односно негативни се брисевите, нема да носиме одлука да градинките се отворат“, рече Филипче.


За тоа колку би траел скринингот, тој одговори дека според сегашната проценка на капацитетите, скринингот би траел десетина дена, меѓутоа во следните денови ќе се анализира како ќе се одвива процесот, ќе се има предвид и можноста да се надгради капацитетот на тестовите. Градинките, како што рече, мора да се отворат во исто време.

„Не може да отвораме една по една градинка. Нека почне денеска па следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време“, одговори министерот Филипче.
Тој потенцира дека отворањето на градинките се уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.



Слични Објави