ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ИЛИНДЕН, СТОЈАНОВСКИ: ВМРО-ДПМНЕ ИМАШЕ ТРИ ГОДИНИ ДА ЈА ОСВОИ ДОВЕРБАТА ОД ГРАЃАНИТЕ

Градоначалникот на Општина Илинден од ВМРО-ДПМНЕ, Жика Стојановски, смета дека актуелното раководство на партијата имало три години можност да ја освои довербата од граѓаните и истата да ја оправда.

„Општина Илинден е пример дека ВМРО-ДПМНЕ знае и има капацитет да ги води институциите и да работи за добро на граѓаните. За да ја добиеме таа можност, мораме најпрво да им прикажеме на граѓаните дека сме сериозна структура која води конзистентни политики за добро на државата. Мора прво да ја освоиме нивната доверба и потоа да ја оправдаме истата. Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаше три години можност да го стори тоа. За жал не успеа ниту на претседателските, ниту на локалните избори во Охрид и Ново Село, ниту на последните парламентарни избори. Затоа, време е за вонреден конгрес на кој што ќе избереме ново раководство кое што ќе го врати ВМРО-ДПМНЕ на победничките патеки“, вели Стојановски.
Тој е дел од иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, од кој вчера побараа вонреден партиски конгрес, како и оставка од лидерот Христијан Мицкоски и актуелното раководство на партијата.

Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во општина Илинден реагираат на ваквото барање и се оградија од постапките, делувањата и изнесените ставови на нивниот градоначалник.

„Сметаме дека истите се водени од личен интерес и се во спротивност со политиките на партијата и комитетот. Во таа насока истакнуваме дека не подржуваме вакви активности и постапки кои се во спротивност со статутот на партијата и истите ги осудуваме. Воедно напоменуваме дека ОК Илинден работи и функционира согласно статут, деловник, програмски документи како и донесените одлуки и утврдените политики од страна на органите на партијата: Центалниот комитет, извршниот комитет и Претседстелот на партијата“, се вели во реакцијата од ОК Илинден.