Грција ги оцени како провокативни изјавите на Мицкоски за македонското прашање
Грчкото МНР ги определи како провокативни вчерашните изјави на премиерот Христијан Мицкоски. Во нивното соопштение, објавено од грчките медиуми, стои дека „премиерот на С.Македонија во своите изјави во Њу Џерси, САД избрал да зборува за „нерешеното“ и „постоечкото“ македонско прашање“.
„Овој настан претставува предизвик за Грција, обидувајќи се да го врати на преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо“, стои во соопштението.
Грција потсетува дека понатамошниот напредок во нејзините билатерални односи со С.Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на нејзиниот сосед бара целосно почитување на Договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, порачаа од официјалната грчка дипломатија.
Зборувајќи пред македонската дијаспора во Њу Џерси, Мицкоски изјави: „Борбата дома е борба којашто ние ќе ја водиме, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија, и тоа го правиме откако сме избрани како Влада, но таа борба за еден од нај малубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои.
