ГРОБОВИТЕ… ТОА НАШЕ ПРОКЛЕТСТВО! (1)
Гробиштата се составен дел на живеењето и опстојувањето на нашата цивилизација. Гробовите се местата каде што се закопани нашите предци и уште повеќе, местата каде што им оддаваме почит на предците за нивните заслуги кон нас, како за време на религиозните така и за државните празници. Ние Македонците сме претежно рурален народ, па нашите гробишта најчесто се наоѓаат на селските утрини, во близината на црквите, најчесто слободно поставени, растурени и без особена логика, само со крст, како обележје на верата и натпис со името на покојникот, најчесто избледен од времето. На своите летувања низ Далмација, мојата генерација се сретна со поинакви гробишта, украсени со паметници, уредени и компактни целини, кои во суштина беа составен дел од градскиот живот на хрватските градови. Тоа беше сосема друг свет, иако споделуваме единствена религија – христијанството.
Токму тогаш и ја почувствував непријатноста од запуштените и уништени гробишта на другите народи што живееја со нас, на турските гробишта претворени во стадиони (ФК Победа – Прилеп) или на турските во Скопје, каде што се денешното МВР и Судската палата.
Воените гробишта на територијата на Македонија се сосема друга приказна. Тие беа слика и прилика на победниците и поразените во двете светски војни; на една страна прекрасно уредените француски, српски и англиски гробишта во Скопје и Битола, грчките во Валандово, а на друга страна запуштените германски и бугарски гробишта во Прилеп и во Струмица. Светла точка беа само бугарските гробишта во селото Цапари и во селото Српци-Беранци, одржувани од месното население.
Требаше да умре Тито, да се распаднат СССР и Југославија, заедно сосе „комунизмот“ па земјите како Германија и Бугарија да пристапат кон обнова на гробовите на нивните паднати војници од Првата светска војна… за Втората никој не говори, идеолошките разлики ги раздвојуваат и мртвите.
Со својата изјава дека „Србија је дотле, докле има српских гробова“ Слободан Милошевиќ, прв во историјата на современа Југославија, на гробовите им даде политичка димензија. Од политичка, димензијата стана воена, за сето тоа да заврши со една несреќна граѓанска војна од која поранешните југословенски народи сѐ уште не закрепнале, напротив! Изјавата беше подла и военохушкачка, со самиот факт што српски гробови има и на Крф, и во Солун, и во Бизерта, но Слобо-национале мислеше само на српските гробови барем до Карлобаг, на хрватското приморје. Резултатот е видлив. Гробовите си останаа, Србите оттаму се иселија во најтесната Србија досега, а српскиот народ сѐ уште се бори со последиците од егзодусот на своето население.
Некаде на почетокот на деведесеттите години, весникот „Нова Македонија“ беше првиот што го отвори прашањето за „македонските гробови“, поточно речено за гробовите на македонските револуционери расеани низ полињата, падините и горите на Македонија, земјата за чија слобода се бореле и каде што ги оставиле своите животи. Авторите Блаже Миневски и Спас Марковски во десетина прекрасни текста, илустрирани со скромни црно-бели фотографии, ни ја предочија состојбата на гробовите на револуционерите Методија Патчев, Георги Сугаре, Даме Груев, Христо Узунов и други. Сликата беше страшна. Запуштени гробови обраснати во трње, неуредени патеки, неозначени места и избришани и нејасни натписи. Ако гробовите требаше да бидат претстава за состојбата на нашиот патриотизам и нација, тогаш сликата беше разочарувачка за нас, и како државност и како националност.
Корените на тоа безобразие, на тоа злосторство кон мртвите лежат во нашиот провинцијализам, поточно, во нашата селска простотија и бескрајната завидливост. Наводно, тие гробови не требаше да ги „засенат“ гробовите на партизаните, тогаш „единствено заслужни“ за нашата наводна слобода – небаре комитите се бореле за наше ропство – но и поради фактот дека Бугарите „ги присвојуваат“ тие личности, но и затоа што Србите, со кои живеевме во една држава не ги сакаат. Демек, ние не сакаме да се замериме со никого и да не „истрчуваме“ додека не се решат работите. Всушност, не се работи ниту за бугарското „присвојување“ ниту за српското „несакање“, туку се работи за нашата недоветност и малодушност, поради која Србите отсекогаш нѐ нарекуваат „Македонче“, а не онака како што треба…
(Целата колумна на Владимир Перев прочитајте ја во Нова Македонија)

