ГРУБИ-ТИЦИЊСКИ: УСПЕШНО СРАБОТЕНИ ЕУ ЗАДАЧИ ВО СОБРАНИЕТО
Решавањето на прашањето за името и реформските закони во Собранието се прашањата за кои претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби разговарал со полскиот амбасадор во Македонија, Војциех Тицињски.
На средбата, како што соопштија од неговиот кабинет, Груби го нагласил значењето на заокружувањето на решението на прашањето за името со Република Грција, по објавувањето на ратификуваниот договор во тамошниот Службен весник. Исто така, информирал и за сработените задачи во Собранието, како што е донесениот закон за борба со корупцијата и судирот на интереси, реформите во безбедносниот сектор и законите од областа на правосудството, кои го поминаа првото читање и се во собраниска процедура. Како значаен чекор напред, во исполнувањето на политичките критериуми за влез во ЕУ, тој го посочил и влегувањето во сила на законот за употребата на јазиците, со што, според него, се заокружува спроведувањето на Охридскиот рамковен договор кој е во насока на подобрување на правата на Албанците во државата.
Амбасадорот Тицињски го повторил ставот на Полска дека ги поддржува политиките на проширувањето и дека земјите од Западен Балкан треба да се приклучат во ЕУ. За претстојниот самит, кој во рамките на Берлинскиот процес годинава ќе се одржи во Полска, изрази надеж дека ќе се испрати сигнал дека Западниот Балкан наскоро ќе биде во ЕУ и во таа насока ќе се фокусира на промовирање на стабилност, економски развој, зголемување на животниот стандард и економска соработка и безбедност.
Во врска со поддршката за Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, Тицињски потврдил дека таа нема да изостане и дека двете земји имаат одлични односи на сите полиња.
На средбата заедничка била констатацијата дека на земјата ѝ претстојат многу обврски, кои ќе произлезат по почетокот на преговорите по поглавјата, при што било истакнато дека преговорите во врска со земјоделските политики се едни од најтешките и најобемните, за што Полска е подготвена да даде секаков вид на поддршка.
Извор: МКД.мк

