ГУВЕРНЕРКАТА НА НБРМ СМИРУВА: ДЕНАРОТ ЌЕ ОСТАНЕ СТАБИЛЕН И ПОКРАЈ КРИЗАТА СО КОРОНАВИРУСОТ
„Како што со години наназад е стабилен, така и отсега натаму, денарот ќе биде стабилен. Потврда за тоа се и инструментите коишто централната банка ги има на располагање доколку е потребно да се употребат во функција на задржување на стабилноста на денарот. Еден од клучните инструменти, секако е високото ниво на девизните резерви од околу 3 милијарди евра, што и самото по себе е гаранција за стабилноста на домашната валута”. – порача гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Гласот на Америка.
Во интервјуто, гувернерката се осврна и на добиената финансиска поддршка од ММФ, преку Инструментот за брзо финансирање, при што кажа дека таа ќе придонесе и за зголемување на девизните резерви.
„Добиената финансиска поддршка од ММФ претставува и потврда за здравоста на фундаментите на нашата економија. Таа е и помошна алатка за добивање други типови финансиска помош, вклучително и преку инструменти на Европската Унија.” – посочи гувернерката.
Кон завршницата на интервјуто за Гласот на Америка, Ангеловска-Бежоска потсети дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека не треба да постои никаква загриженост за домашната валута.