Хамас: Трамп мора да запомни дека почитувањето на прекинот на огнот е единствениот начин да се вратат заложниците
Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп мора да запомни дека единствениот начин да се вратат израелските заложници е да се почитува примирјето меѓу Израел и Хамас.
„Трамп мора да запомни дека постои договор кој двете страни мора да го почитуваат и само така ќе се вратат затворениците. Јазикот на заканите само ја комплицира ситуацијата“, изјави Абу Зухри за Ројтерс.
Трамп ги предупреди Палестинците дека „портите на пеколот ќе се отворат“ доколку израелските заложници не бидат ослободени во сабота, како што е договорено со прекинот на огнот.
Хамас го одложи ослободувањето на заложниците, обвинувајќи го Израел за кршење на условите од примирјето. Израел и Хамас постигнаа прекин на огнот во средината на јануари по повеќе од една година конфликт, потсетува Гардијан.
Првата фаза од прекинот на огнот, од трите планирани, вклучува прекин на непријателствата, ослободување на некои затвореници, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа, заедно со приливот на хуманитарна помош.
Втората фаза предвидува прекин на огнот за 42 дена. Во третата фаза Хамас ќе ги врати телата на загинатите заложници од Газа во Израел, Израел ќе ослободи уште затвореници, а треба да започне и петгодишен план за реконструкција, пренесува Танјуг.
