ХАН: КРАТЕНКАТА ФИРОМ НЕ МИ СЕ ДОПАЃА, ВИЕ ЌЕ ОДЛУЧИТЕ ДАЛИ ДА ВЕ НАРЕКУВАМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Резултатот на референдумот зависи од вас граѓани на ФИРОМ иако таа кратенка не ми се допаѓа , вие ќе одлучите дали да ве нарекуваме Северна Македонија-изјави еврокомесарот Јоханес Хан за време на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Хан истакна дека Македонија и Грција успеале да решат еден конфликт и да станат пример и мотивација за други земи. Еврокомесарот Хан подвлече дека последиците од договорот со Грција ќе бидат многу важни, а на 30 септември граѓаните ќе имаат уникатна можност да донесат важна одлука со далекусежни последици. Европскиот гостин изјави дека меѓународната заедница го поддржува овој договор, бидејќи тој ја потврдува европската иднина на Македонија. Хан информира дека следната недела ќе го започнеме скринингот за почеток на преговорите со Европската Унија и уште еднаш ги повика граѓаните да гласат и да донесат одлука. На новинарско прашање, што му порачал на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Хан изјави дека неговата порака била истата од пред неколку месеци, а имено дека одлуката што ќе биде донесена на референдумот е одлука за државата и тука нема место за мешање на политички интереси. Хан рече дека неговата улога е да ги убеди тие што се против референдумот да гласат за. Тој додаде дека не се меша во тоа што ќе одлучат граѓаните, туку ги повикува да излезат во што поголем број, бидејќи тоа ќе биде добар знак за ЕУ.

