| |

Хегемонија во три чекори

Пишува: Никица Корубин

“Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), го повикува македонскиот богољубив народ да земе молитвено учество на Света Архијерејска Литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА од страна на Соборот на Српската Православна Црква (СПЦ), на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи – „Света Софија“ во Охрид, со почеток од 9 часот.”-вели во краткото соопштение истата МПЦ-ОА која нели беше вратена во канонско единство на 9 мај 2022 година и го чека томосот за автокефалност од Вселенската Патријаршија. Која е тогаш оваа годишнина од “доделување на томос” која ја заслужува катедралната црква на историската Охридска Архиепископија за прослава на лажен томос?

Ако воопшто се разбира духовното, историското и културно значење на црквата-катедрала, црквата-симбол и црквата-културно наследство, па така брутално да се посега по нејзината симболика во самата срж на нашиот континуитет, не само религиозен, туку пред се’ цивилизациски. “Упадот” директно во Света Софија, со прослава на, во основа, узурпаторски и освојувачки чин, се чини е само финалната етапа на хегемонијата од 20 век, продолжена и адаптирана на 21 век. Па, ако првиот чекор се проголта како горка пилула, вториот чекор со “фиктивниот” отпуст на лажната Охридска Архиепископија под превезот на ПОА, не’ доведе директно до (дефинитивниот) поданички трет чекор на демонстрација на еднострана хегемонија, со јасна намера за своевидно “понижување” во самата Света Софија, божјата премудрост, од која очигледно некои црковни великодостојници, не научиле многу. Понижување или продолжување, е прашањето кое ќе лебди помеѓу фреските на византиските патријарси и римските папи, во олтарниот опус, сведок на шизмата тогаш, и сведок на бласфемијата сега, со “наша” дозвола и во “наше” присуство. Продолжување на хегемонијата и контролата, е чинот кој треба да биде “осветен”.

” … на Кралството Србија, со оглед на тоа што тоа, после изминатите Балкански војни од 1912 и 1913 година и доскорешната голема светска војна е проширено и зголемено и подигната во едно големо и обединето Кралство СХС, по милост и благослов божји, ги опфаќа во своите граници епархиите кои до скоро биле под канонска управа на Патријаршискиот Вселенски Престол и тоа митрополиите: скопска … велешко-дебарска, пелагониска, преспанско-охридска … “.

На страна што томосот од 1922 година, Кралството СХС го третира како “проширен и зголемен” наследник на Кралството Србија, кое нели потоа ќе се трансформира во никогаш прежалената СФРЈ, модифицирана и “нашминкана” со братство, единство и еднаквост и упорно “насилно” перцепирана како единствена “мајка” на македонската државност и идентитет; туку каде во тешко и богато стекнатиот томос, се споменува Охридската Архиепископија како титулар, тогаш укината веќе повеќе од два века? Врз основа на кое “право” тогаш, СПЦ сите овие години, ПОА ја третира како “Охридска Архиепископија”, затоа што единственото право кое го добива државата Кралството СХС, е правото на освоените територии, а не на титуларот. Истите територии кои ги дава токму Вселенската Патријаршија, чија надлежност сега се проблематизира од “милостивата мајка-црква”.

Единствената “Охридска”, која е и единствено легитимна, е од признавањето и враќање во канонско единство од Вселенската Патријаршија, чија годишнина не само што не се прослави во Света Софија, туку се заборави на ниво на несватлива, речиси патолошка врска со “хегемонот”; па после 32 години слобода како независна држава и територија, која е всушност суштинскиот предмет на сите овие “прослави”, МПЦ-ОА во крајно поданичко-субмисивен манир, дозволува метафоричко и реално понижување на нашата култура, традиција и историски континуитет, со дозвола за класична демонстрација на супериорност и монопол, кој не е базиран на еднакви односи, а кои единствено може да бидат прифатливи.

И затоа тешко е разбирливо ова самопонижување на тлото и во светиот простор на Света Софија, а траги-комични размери добива кога веројатно дополнително ќе биде украсено со “византиските” знамиња, така надмено и обилно користени, од наследниците на Охридската Архиепископија. Па, во истата таа Византија, тоа Источно Ромејско Царство, Охридската Архиепископија е доминантниот, стар и прв “владетел” со огромна симболика и реална јурисдикција, или со зборовите на сегашноста “мајка-црква”.

Па, која историја и идентитет вие всушност браните, штитите и промовирате, кога дозволувате “газење” по подот на Света Софија со хегемонистичкиот ум од почетокот на 20-от век? До сакралните и профаните, секому според надлежностите.



Слични Објави