| |

Холандија и Бугарија ја продлабочуваат соработката во земјоделството и геотермалната енергија

Амбасадорот на Холандија во Бугарија, Артур ден Хартог, денеска се сретна со заменик-министерот за земјоделство и храна Јанислав Јанчев, при што разговарале за тековните билатерални иницијативи и можностите за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји, соопшти холандската Амбасада во Софија.

Во фокусот на разговорите биле модернизацијата на оранжерискиот сектор во Бугарија и можностите за користење геотермална енергија.

„Холандија е подготвена да ги сподели својата експертиза и искуство во двете области и да ја поддржи Бугарија во искористувањето на потенцијалот на геотермалната енергија како локален, чист и сигурен извор на топлина“, наведуваат од Амбасадата.

Како дел од овие активности, од 24 до 26 ноември Бугарија ќе ја посетат 15 водечки холандски компании и институции за знаење во рамките на иновациска мисија посветена на современото оранжериско производство и интеграцијата на геотермалната енергија.

На 24 ноември во Софија ќе се одржат конференција и Б2Б бизнис-форум, на кои ќе учествуваат холандски и бугарски компании, инвеститори, јавни институции и меѓународни финансиски организации.

Целта на настаните е размена на знаења, претставување иновативни решенија и разгледување можности за конкретни проекти и партнерства.

На средбата амбасадорот Ден Хартог бил придружуван од Софи Неве, советничка за земјоделство за Бугарија, Романија и Молдавија, и од земјоделскиот советник Стилијан Гребеничарски.

Слични Објави