Христо Иванов од Демократска Бугарија: РС Македонија треба да стане дел од ЕУ, што е можно побрзо, но не и по цена на бугарските интереси
Со разбирањето дека тоа е заеднички интерес – и нивен и бугарски – Северна Македонија мора што поскоро да стане дел од европското семејство, но тоа не може да се направи по цена на бугарските национални интереси. Ова го изјави копретседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов.
Според Иванов, на оваа тема постојано се разговара бидејќи истата спаѓа во стратешките интереси на Бугарија.
„Не донесовме заклучоци надвор од официјалните позиции на Бугарија. Нема промена во ставот на Демократска Бугарија, нема причина за такво нешто. Очекуваме владата на Северна Македонија да покаже подготвеност и да ги исполни барањата на бугарскиот парламент, формулирани во Рамковната позиција и потврдени од Консултативниот совет за национална безбедност“, рече тој денеска.
Иванов рече дека темата за ветото и колку ќе трае е предмет на постојана дискусија и преговори на политичко ниво.
„Прашањето за укинувањето на ветото стои. На Бугарија не се поставени и не може да и се даваат рокови. Имаме став и во моментот кога ќе видиме дека имаме причина да веруваме дека бугарските национални интереси се заштитени, ќе можеме да го спроведеме овој национален интерес на Бугарија – Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“, рече копретседателот на ДБ Христо Иванов.

