| |

ИАКО ДОЦНИМЕ ДА НЕ ЗАДОЦНИМЕ

Не би сакал да звучам како еден од многуте „стручњаци“ кои се занимаваат со моменталната ситуација, но не можам да бидам рамнодушен со постапките на оние кои требаше да бидат стручни, подготвени и нивната работа да биде справувањето со предизвикот. Уште помалку можам да бидам рамнодушен на „совесните“ мајки кои ги шетаат своите деца па макар и по излозите на затворените бутици, на безгрижните пензионери кои групно се потсмеваат на оние кои носат заштитни маски и ракавици, на дуќанџиите кои во оваа ситуација нудат на попуст на пример два пара гаќи за две стотки, за оние кои требаше да бидат во домашен карантин, а тркнаа да напазарат тоалетна…

Ќе бидам себичен и мизерен исто колку овие „општествено одговорни лица и компании“ и ќе кажам дека воопшто не ми е грижа за нив, туку за тие околу нив на кои свесно му го загрозуваат здравјето и го доведуваат во опасност нивниот живот…

Зарем сме ние тие кои треба да бараме кои мерки да ги спроведете? Зарем не сте поучени од состојбата во Италија, Шпанија, а за многу брзо и од поголемиот дел на Европа? Не поминаа два дена откако очајно баравме воведување на вонредна состојба, (тогаш беа пет-шест дијагностицирани пациенти, а денес се седумдесет и шест) и сега откако ја имаме, бараме воведување на поригорозни мерки со оглед на менталитетот, „храброста“ и без пардон глупавоста и мизеријата на голем дел од нашите граѓани. Кога реално ќе го погледнеме нашето здравство, можностите и ресурсите (во споредба со она на Италија) час поскоро е повеќе од потребно воведување на НАЈРИГОРОЗНИ мерки за движење, изолација, контрола на карантинот и потенцијалните пациенти па макар и со примена на сила, како онаа која имавме можност да ја видиме на снимките низ Кина(кога не може поинаку во 21-ви век во едно „демократско“ општество).
Време е да размислувате за објекти кои ќе треба да се пренаменуваат, време е да се спроведуваат овие мерки затоа што подобро е после сѐ да се справуваме и да ја закрепнуваме економијата, отколку да ја погребаме пола нација…

Автор: Благојче Трајковски, претседател на ГДУ-Битола



Слични Објави